Loading Video...
Македонија
14. November 2025 - 21:15

Новиот закон за ДДВ на пратки до 22 евра нема да ги удри по џеб граѓаните туку шпедитерите

Македонските граѓани нема да имаат никакви дополнителни обврски при нарачките од ТЕМУ и по донесувањето на законот со кој и пратките до 22 евра ќе бидат оданочени со ДДВ.

Цената што ќе ја гледаат на страниците е таа и што ќе ја платат како крајни корисници, без никакви дополнителни обврски за плаќање, чекање на шалтери или чекање за подигнување во канцелариите на поштенските компании.
Ова оданочување, што треба да се изгласа до крјаот на месецов нема дополнително да ги удри по џебот потрошувачите тврди министерката за финансии. Димитровска Кочовска за Сител. Според неа плаќањето на ддв-то кон државата ќе биде обврска на шпедитерите со кои соработува ТЕМУ. 

Инаку Македонија влезе во клубот држави што одлучија да ги стават под лупа сите пакети од популарните платформи. 

Измените на законот го поминаа првиот филтер, а по второто читање и 8 дена од објавување во службен весник, за сите нарачки, и за тие кои чинат под 22 евра ќе се плаќа 18% ДДВ. А пратките се мерат во тони.

Само во текот на еден летен месец граѓаните нарачале близу 250 тони производи од ТЕМУ од кои дури 95 тони биле пратки со вредност до 22евра и за нив кон државата не се платени никакви давачка. За остатокот, во државната каса влегле околу 600 илјади евра.

Ако се земат предвид податоците од царинската статистика, излегува дека  на годишно ниво во државта влегуваат најмалку 1000 тони пратки кои досега беа  ослободени од данок.

Додека пак, само за првите 8 месеци од оваа година, во државната каса по основ на ДДВ за пратки од 22 до 90 евра се инкасирале 2милиони евра. Овие законски измени се прават и за поголема заштита на домашните компании вели министерката која најави дека државата ќе ги следи и царинските одлуки на ЕУ во однос на стоките кои потекнуваат од Кина. 

Европската унија веќе почна постапка за царинска кочница на евтиниот кинески шопинг. Министрите за финансии усогласија укинување на царинското ослободување уште во првиот квартал од 2026 години, две години порано од првично планираното.