Новиот закон за јавно обвинителство денеска на владина седница

Со новиот Закон за јавно обвинителство се зајакнуваат критериумите за избор, оценување, дисциплинска одговорност и разрешување на јавните обвинители, со цел унапредување на владеењето на правото и исполнување на обврските од Реформската агенда, информираат од Министерството за правда.
Венецијанската комисија, како што посочуваат оттаму, даде високо мислење за законот за Советот на јавни обвинители и за законот за јавно обвинителство, при што дел од препораките се однесуваат на уставни измени, како избор на републичкиот јавен обвинител со двотретинско мнозинство. Од Министерството појаснуваат дека овие препораки во оваа фаза не можат да се имплементираат, бидејќи се уставно утврдени.
Законот за јавно обвинителство се очекува денеска да биде разгледан на седница на Владата, а до крајот на оваа или во текот на следната недела и од Советот на јавни обвинители, со што ќе се исполни чекор од Реформската агенда во делот на владеењето на правото и фундаменталните вредности.
Од Министерството за правда посочуваат дека станува збор за целосно нов закон со јасно дефинирана и транспарентна постапка за избор на републички јавен обвинител. Кандидатите ќе доставуваат биографии и програми за работа кои јавно ќе се објавуваат, а Советот на јавни обвинители ќе дава позитивно мислење за соодветните кандидати.
Законските измени предвидуваат редовно оценување на јавните обвинители на секои три години, наместо досегашните четири. Доколку обвинител добие негативна оценка, ќе следи вонредно оценување по една година, а повторна негативна оценка ќе биде основ за разрешување.
Во делот на дисциплинската одговорност се воведува градација на дисциплински прекршоци – полесни, потешки и најтешки, при што само најтешките ќе бидат основ за разрешување. Дисциплинските постапки ќе бидат јавни, а ќе се водат во две инстанци – првостепено пред Комисија и второстепено пред Советот на јавни обвинители.
Новина е и воведувањето основи за разрешување на претседателот на Советот на јавни обвинители. Во однос на финансиите, законот го задржува буџетот за јавното обвинителство на 0,4 отсто од државниот буџет, со механизам кој ќе обезбеди оваа одредба реално да се применува.
Од Министерството за правда најавија дека на платформата ЕНЕР ќе бидат објавени и законите за помилување, пробација, за Академија за судии и јавни обвинители, како и за здруженија и фондации.
Кај Законот за помилување, како што информираат од Министерството за правда, се укинува можноста за аболиција, односно помилување пред правосилна судска одлука, додека кај Законот за здруженија и фондации се предвидува задолжителна регистрација на здруженијата.
МИА
Ново на Сител
-

За 8 години тројно намален и бројот на железнички линии и на патници
-

Тема на денот со Александар Спасеновски, универзитетски професор
-

Граѓаните се подготвуваат за најлудата ноќ, програма ќе има и на Плоштад Македонија
-

АХВ казни 60 оператори кои продавале расипана храна и месо
-

Кои коруптивни скандали ја одбележаа 2025 година?
-

Антикорупциска одлучи: Идната година ќе го проверува имотот на 60 високи функционери
-

Нов Закон за јавно обвинителство денеска на владина седница
-

Власта и опозицијата продолжуваат со меѓусебни обвинувања за лицемерие, луксуз и криминал
