Анализа: Што можеме да очекуваме од утрешната средба Сиљановска Давкова – Јотова?
Средба за смирување на тензиите, но без решение за спорот. Утрешната средба меѓу претседателките Сиљановска Давкова и Јотова, домашните експерти ја гледаат само како обид за воспоставување нормален дипломатски дијалог, но без политички пробив или суштински напредок околу уставните измени кои се вето на нашиот пат кон ЕУ.
„Се разбира поради тековниот однос тие беа нарушени и се одвиваат во релација на зголемен политички антигонизам. Ваквите средби како утрешната може да придонесат за некаков нормален канал на комуникација Но верувам дека не треба да очекуваме некаков политички пробив од таа средба. Можеби ќе стане збор за тековното прашање – но ако стане мислам дека двете страни ќе ги повторат своите позиции и мислам дека нема да има никаков суштински напредок“, изјави политичкиот аналитичар Петар Арсовски за Сител ТВ.
Но сепак, Арсовски протоколарната средба ја оценува како чекор напред меѓу односите на двете држави. Освен дијалогот на претседателско ниво, пожелна е и континуирана комуникација меѓу шефовите на двете дипломатии како стабилна стратегија до пронаоѓање евентуално решение за спорот.
-Двете линии треба да се случуваат паралелно, бидејќи во прашање е општата политичка клима меѓу Бугарија и Македонија, мислам дека ниту една средба не е на одмет. Бугарското МНР има подиректно влијание во европските институции но политичкиот амбиент треба да биде сменет вкупно за да очекуваме некаков напредок. Треба да се одржат повеќе вакви средби со што би се воспоставило редовен канал на комуникација, па дури потоа да се разговара за содржината, додаде Арсовски за Сител.
Утре Софија е домаќин на 30-годишнината од формирањето на Процесот за соработка на Југоисточна Европа и се одржува под мотото Заеднички компас за стабилен, безбеден и одржлив регион – 30 години регионална сопственост и европска аспирација. Во фокусот ќе бидат европската перспектива на Југоисточна Европа и унапредувањето на регионалната соработка.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар
