Македонија
2. November 2026 - 16:41

ДУИ ја слави Брвеница, владејачките партнери си ја префрлаат вината

ДУИ ја доби Брвеница – по вчерашниот втор круг избори, Аркин Јахиј освои 4.442 гласови или 258 повеќе од неговиот против кандидат, Стојанчо Радичевски, од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Прстот за изборниот пораз, партијата го впери кон коалицискиот партнер Вреди, нарекувајќи го „тројански коњ“ во корист на кандидатот на ДУИ.

Премиерот и претседател, Христијан Мицкоски, оценува дека и покрај поразот ВМРО-ДПМНЕ го зголемила бројот на гласови, а Владата ќе продолжи да ја поддржува Брвеница.

„Ние со изборна програма и концепт, тие со поддршката на демографијата, националната карта и по некој тројанец за одвлекување на гласови. Сепак, растот на гласови од првиот круг е јасен и чист, од 3.000 на 4.200, но, за жал недоволно за целосна победа“, напиша на Фејсбук Мицкоски.

Од Вреди одговорија дека изборите во Брвеница се одржале во слободен и демократски процес и дека гласовите им припаѓаат на граѓаните, а не на политичките партии.

„Ниту една политичка партија не ги контролира гласовите и не може да бара сопственост. Гласовите им припаѓаат на граѓаните, кои слободно можат да одлучат на кого да им веруваат на нивната поддршка“, велат од ВРЕДИ.

Од Левица оценуваат дека ВРЕДИ одработила за ДУИ во Брвеница, како што велат од партијата, ДПМНЕ за локалните избори одработуваше против Левица во корист на ВРЕДИ во Струга, Тетово и Гостивар.

Победат на Јахиј се славеше во Челопек, се обрати и Ахмети кој пред присутните рече дека Албанците се господари на Македонија.

Јахиј пак се заблагодари на дијаспората која објави фотографии дека со авиони доаѓале да гласаат на вчерашните избори.

Вонредните избори во Брвеница се спроведуваа по ненадајната смрт на Јовица Илиевски кој на редовните избори лани доби втор градоначалнички мандат.

Мандатот на Јахиј ќе трае до редовните локални избори во 2029 година.