Интерпелација за Славески и надзорна комисија за работењето на Алта банка
Интерпелација за гувернерот Трајко Славески најави претседателот на СДСМ Венко Филипче откако вчера Народната банка објави времени ограничувања во работењето на Алта Банка, но и ограничување на максималниот износ на пари кои граѓаните ќе можат да ги повлечат на неделно ниво.
- Постојат многу прашања на кои Славески ќе мора да одговори, рече Филипче.
Пратеничката група на СДСМ побара и Надзорна комисија за работењето на Алта Банка.
Филипче кажа дека случајот Алта Банка е уште доказ за, како што вели, криминалното раководење од Владата.
Обвини дека Славески и премиерот Мицкоски помогнале во грабеж на помеѓу 150 и 180 милиони евра, колку што според Филипче, бил целокупниот капитал на банката.
- После вчерашниот прес на гувернерот се отвораат многу прашања. Прво најави дека ќе можат граѓаните коишто таму имаат свои пари да извлекуваат по околу 150 евра неделно. Денеска експозитурите не работат, а на граѓаните не им работат ниту картичките банкоматите. Како граѓаните ќе си ги повлечат парите?, прашува Филипче.
ВМРО-ДПМНЕ експресно ја прифати Надрозната комисија за Алта Банка.
Пратениците од владејачкото мнозинство бараат таа да се одржи што е можно поскоро.
- Ако сте вие расположени и ако Деловникот тоа го дозволува, можеме да ја одржиме веќе следната недела, рече пратеникот Бојан Стојановски.
Сепак, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ имаа забелешка за насловот под кој СДСМ ја поднесе иницијативата.
-Велите, причини за воведувањето администрација во АЛТА Банка АД Битола, улогата и постапувањето на Народната банка и институционалната одговорност за измамата на граѓаните. Значи, не сме суд, односно вие не сте суд за да дефинирате дека станува збор за некаква измама на граѓаните, рече пратеничката Дафина Стојановска.
Се огласија и од Платформата 12:05 која во суштина бара реформа на СДСМ. Оттаму вчерашната реакција на Народната банка била задоцнета, конфузна и нејасна.
Бараат ревидирање на ограничувањето на готовинските повлекувања.
Предложија и три, како што велат, конретни и нужни чекори за враќање на довербата во банкарскиот систем.
Првиот чекор е оставка на Славески која ќе стапи во сила откако Народната банка ќе ги донесе сите неопходни одлуки за обезбедување на секој денар на граѓаните и стопанството заглавени во АЛТА Банка.
Вториот е оставка на министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска како знак на политичка одговорност.
И третиот чекор е претседателката на државата да свика вонредна седница на Советот за безбедност со сите релевантни финансиски институции во државата на која ќе се отвори прашањето како е дозволен влез на сомнителен капитал во македонскиот банкарски сектор и на која ќе се разгледаат сите неопходни мерки за заштита на граѓаните и стопанството.
Во петокот доцна навечер српската Народна банка ѝ ја одзеде дозволата за работа на Алта Банка АД Белград.
Вчера македонската Народна Банка донесе одлука за привремена администрација која ќе раководи со Алта Банка АД Битола.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
