Новогодишно украсување: Штипјани најскапо ги чинело, а една фирма добила скоро 80% од тендерите
Новогодишната магија граѓаните скапо ја платија. Штип рекордер по потрошени пари за украсување, а веднаш зад него Градот Скопје. Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации покажува дека граѓаните на Штип најскапо платиле – 111 денари по жител, вкупно 81 илјада евра. Второто место го држи Ѓорѓиевски кој за украсување потрошил скоро 70.000 евра.
Доколку кон трошоците за украсување на Градот Скопје се додадат и трошоците од другите скопски општини Центар, Чаир, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров и Карпош, произлегува дека во Скопје за украсувањето за дочек на Новата година се потрошени 17.521.584 денари. Ова е повеќе од една третина од сите пари потрошени за украсување во земјата.
Интересен е моментот што една фирма добила скоро 80% од тендерите. Од вкупно склучените 32 договори за украсување на единиците на локалната самоуправа, дури 15 се со Линк Медиа Плус. На оваа фирма општините и искеширале над 615 илјади евра народни пари.
Истражувањето покажува дека тендерите за новогодишно украсување се спроведувани главно без конкуренција.
Најмалку пари за украсување, односно помалку од 10.000 евра потрошиле општините Неготино, Куманово, Ресен, Дојран, Свети Николе, Градско, Демир Капија. Дел од локалните самоуправи, вкупно шест, ја продолжиле и својата пракса на неажурност, односно навремено НЕ ги доставиле известувањата за склучените договори, иако законскиот рок е само 10 дена по склучување на договорите.
Основа за пресметка на трошењата на општините за новогодишно украсување се податоците преземени од Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН). Во истражувањето се вклучени сите единици на локалната самоуправа кои имале ваков вид на набавка во 2025 година.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар
