Македонија
20. October 2016 - 16:23

Објавен тендерот за изградба на нов клинички центар

Објавен е тендерот за изградба на новиот Клинички центар “ Мајка Тереза” во Скопје. Од денеска започнува рокот за доставување на понудите. Изборот на изведувач е закажан за 5 декември. Еден од критериумите е фирмата да има изградено најмалку 3 слични објекти во развиени земји. Целата постапка се спроведува по процедурите на банката при советот на Европа, истакна на презентацијата министерот за здравство Никола Тодоров.

- По спроведување на законските процедури, ќе отпочнат градежните работи некаде во март 2017 година, кои е предвидено да завршат до крајот на 2021 година, односно рокот на изведба е 45 месеци, со гарантен рок од 12 месеци. Притоа, нема да се дозволи во ниеден момент да се загрози работата на клиниките во кампусот. Ќе се изврши и комплетно опремување на зградите со медицинска и немедицинска опрема и мебел. Инвестицијата за набавка на нова медицинска опрема е проценета на 13 милиони евра, рече Никола Тодоров, вицепремиер и министер за здравство.

Проектот предвидува изградба на нов Клинички блок на местото на стара гинекологија во кој ќе бидат сместени најголемиот дел од клиниките и нова зграда за лаборатории на 4 ката. Постојните хируршки клиники планирано е да бидат реконструирани и споени со новиот објект и со гинекологија и онкологија. Посебно остануваат Кардиологија, Инфективна, стоматологија и детската клиника. Според Тодоров ќе бидат поставени нови стандарди во македонското здравство, а  при градењето ќе бидат запазени највисоките меѓународни критериуми и удобност и за пациентите и за персоналот.

- Од многубројните иновации кои ќе се применат особено треба да се истакне дизајнот на одделите за Интензивна  Нега  кои се проектирани на вториот и  третиот кат. На вториот кат се наоѓа Интензивна Нега со 18 легла сите во вид на кабини за по еден пациент, од кои 4 кабини се соби за изолација. Овој систем за првпат ќе се примени во јавното здравство во Р.Македонија со комплетна изолација и третман на секој пациент, при што сите строги критериуми за климатизација и потребен над и под притисок во кабините, предпростории за филтер  и услови за стерилност ќе бидат обезбедени. На третиот кат се наоѓа поголемата Интензивна Нега со 25 легла исто така во посебни кабини со по еден кревет од кои 4 кревети во кабини за изолација. Интензивните неги се проектирани по најстрогите критериуми за контролиран пристап, движење, стерилност и климатизација, и секако ќе бидат опремени со најсовремени медицински апарати за третман, додаде Тодоров.

Новиот клинички блок ќе има вкупно 855 кревети. Неколку градини, а на кровот предвидено е да има хелиодром. Со изградбата на катните гаражи, од кои едната ќе биде на влезот, во клиничкиот комплекс ќе се пропуштаат само возила на Брза помош, а ќе биде подобрен пристапот за пешаците.