Обвинителството бара максимална казна за Стојанче Јовановски, неговите адвокати бараат ослободителна пресуда
Обвинителството бара Стојанче Јовановски да биде осуден на максимална казна, која збирно од трите кривични дела за кој е обвинет е 13 години затвор.
Во завршните зборови, обвинителката посочи дека според психијатриските вештачења починатата Ивана скокнала од шестиот кат заедно со малолетното дете, бидејќи била во безизлезна ситуација, сметала дека нема достапна институционална заштита и дека состојбата и е нерешлива. Тоа било резултат на долгогодишното тепање од страна на Јовановски и заканите и понижувањата кои ги трепела. Сметала дека доколку му го остави детето на обвинетиот, тоа нема да биде безбедно со него. Критичниот ден била доведена до психолошки колапс и не можела да донесе реална проценка.
- Во тој момент Ивана верувала дека: детето ќе продолжи да страда ако остане со татко му Стојанче, дека нејзината Катја ќе биде малтретирана, како што била и таа и во тие моменти единствената "заштита" за Катја било да ја земе со себе. Ова не е рационална мисла, туку патолошка перцепција создадена од траумата. Ивана во тие моменти Катја ја доживува како ранлива и осудена на страдање доколку остане со татко и што создала кај истата една патолошка логика: "ако јас не можам да ја заштитам, никој нема".
Максимална казна со која ќе се испрати порака за во иднина да се спречат вакви трагедии, побара адвокатката на семејството на починатата Ивана.
Одбраната на Јовановски пак, тврди дека Обвинителството не успеало да докаже дека на критичниот ден тој и ги нанел повредите на сопругата, ниту дека постои причинско последична врска за наведувањето на самоубиство. Сметаат дека изјавите на сведоците се контрадикторни и побараа судот да донесе одлука исклучиво врз основа на доказите, а не под влијание на јавноста и медиумите.
- Евидентно е дека Стојанче е насилен, тоа е факт. Евидентно е дека имаме за точка 1 и 2 безброј материјални и вербални докази за неговата суровост по однос на жртвата. Но, би сакал да истакнам дека не може да го црниме Стојанче зашто има една бела точка, а тоа е љубовниот триаголник. Лицето Мартин, сведокот кој глумеше лудило пред овој суд – слушам дека ОЈО требаше паралелно и него да го обвини. Тој имаше придонес за точката 3.
Сведоците не ја зборувале вистината се изјасни пред судот и обвинетиот Јовановски. Се би дал да може да ги врати неговата сопруга и дете. Вината за трагедијата ја префрли на други лица.
- Не сум ја потикнувал ниту охрабрувал ниту сум можел да го предвидам истото бидејќи не сум бил свесен дека оваа трагедија би можела некогаш да се случи. Никогаш немаше да ги оставам сами во нашиот стан, да не бев присилно изваден од станот од страна на Мартин Саздов. Оваа трагедија не е правно предизвикана од моја страна. Немам пораки кон мојата сопруга Ивана со закани ниту пораки каде вршам притисок со кој би влијаел на исходот од овој трагичен настан.
Пресудата за Стојанче Јовановски е закажана на 7 мај.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
