Обвинителството ќе ја обжали ослободителната пресуда за таткото на Вања
Обвинителството ќе ја обжали ослободителната пресуда за таткото на Вања Ѓорчевска, Александар Ѓорчевски, додека одбраната на Велибор Манев, Боре Видевски, Влатко Кешишев и Љупчо Палевски, осудени на доживотен затвор за убиството на Вања и Панче, најавија жалби за осудителната пресуда. Обвинителството смета дека постојат докази за вината на Ѓорчевски, а за адвокатите на дел од осудените пресудата е донесена без докази.
Според обвинителката Жаклина Трајковска, изречените доживотни казни затвор за обвинетите се доказ дека правдата сепак излегува на површина.
-Изречените доживотни казни затвор за обвинетите се доказ дека ниту еден сторител не може да остане не откриен за сторување на вакви грозоморно кривични дела ,дека и покрај планираното до детали убиство и на Вања Ѓорчевска, и на Панче Жежовски обвинетите се откриени и ја добија заслужената казна затвор. Ова е доказ дека правдата сепак излегува на површина, рече таа во изјава за медиуми по објавата на пресудата во Основен кривичен суд Скопје.
Обвинителката Ана Стојковиќ додаде дека системот правилно упатил порака дека вакви дејствија нема да се толерираат.
-Семејствата на жртвите секако не би биле задоволни со ниедна пресуда со оглед на тоа што го изгубиле. Меѓутоа, со оглед на фактот дека денеска за четворица обвинети е изречена највисоката казна затвор што согласно македонското законодавство може да се изрече, сметам дека системот правилно упати порака дека вакви дејствија нема да се толерираат и ќе бидат најстрого казнувани, рече обвинителката.
Во однос на ослободителната пресуда за Александар Ѓорчевски, Стојковиќ рече дека ќе вложат жалба.
-Двајца обвинети дадоа исказ дека овој факт тие го дознале од таткото, не од никој друг, од таткото, од обвинетиот Александар Ѓорчевски преку Палевски. Да не знаеле дека детето дента по исклучок ќе оди само немало да има ниту грабнување. Обвинителството не можеше да помине преку овој факт. Сепак судот е највисока истанца, ние ќе си вложиме жалба, судот ќе си одлучи, дополни Стојковиќ.
Во врска со приведеното лице од Народна банка за кое обвинетиот Велибор Манев во завршниот збор рече дека го уништил синиот ранец со оружје, таа рече дека е отворен нов предмет кој не влијае на оваа постапка.
-За сега нема причини коишто би можеле да влијаат на оваа постапка. Отворен е нов предмет за наводите на обвинетиот Велибор Манев од минатото рочиште. Се работи за разгледување на сите факти и околности за проверка на неговиот исказ од минатиот пат. Тоа е нов предмет. Ние го водиме предметот, рече Стојковиќ.
Јовица Страшевски, бранител на обвинетиот Љупчо Палевски, изјави дека пресудата е донесена без ниту еден доказ и најави дека ќе вложат жалба.
-Пресудата не ја коментирам на судот. Меѓутоа наше видување е дека како што почна така заврши и овој циркус. Обвинителството без ниту еден доказ, Судот врз основа на напишаното во обвинителниот акт. Ниеден доказ нема, ниту разумен сомнеж. Денеска таткото доби по мене заслужена ослободителна пресуда бидејќи немаат докази, исто како и за мојот клиент, рече Страшевски.
Адвокатот Бојан Манев, бранител на обвинетиот Боре Видевски, исто така рече дека ќе вложи жалба на денешната пресуда.
-Секако дека ќе вложиме жалба на денешната пресуда. Ако ја слушнавте објавата на пресудата сигурно слушнавте два непобитни факти. Судот ги ослободува обвинетите од грабнувањето на Панче Жежовски. Како го убија а не го грабнаа? Втората работа, судот вика дека човекот е убиен 10:30. Цела Македонија виде снимка 12:30 часот човекот е жив на бензинска станица на Лукоил во Велес, рече Манев.
Според Игор Ефремов, бранител на Влатко Кешишев, Судот не во целост ги зел олеснителните околности, особено фактот дека доколку не бил Кешишев немало да бидат пронајдени телата. И тој, исто така, најави жалба.
- Сметаме дека Судот не поклони доволно верба на исказот на Кешишев дека дејствувал по страв и по наредби на обвинетиот Палевски, дополни Евремов.
Адвокатот Владимир Туфегџиќ, бранител на Александар Ѓорчевски, ја поздрави ослободителната пресуда, но ја критикуваше истрагата.
-Денеска судот донесе законита одлука, меѓутоа оваа одлука е по своја суштина празна затоа што не ги добивме одговорите на клучните прашања – зошто е киднапирано и убиено ова дете, зошто по секоја цена се инсистираше Александар да биде дел од оваа постапка, иако од првиот момент се знаеше дека за него нема ниту еден доказ, рече Туфегчиќ.
Тој истакна дека неговиот клиент во моментов не размислува за поднесување кривични пријави, но додаде дека останува простор за правна анализа на целата постапка.
Доживотна казна затвор им беше изречена денеска на обвинетите Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој се товареше дека давал информации за движењето на неговата ќерка, е ослободен од обвинение.
Судот одлучи мерката притвор спрема обвинетите осудени за доживотен затвор да се продолжи до правосилноста на пресудата, додека, по однос на обвинетиот Александар Ѓорчевски се укинува мерката куќен притвор бидејќи е ослободен од обвинение.
Во обвинението за двојното убиство стои дека обвинетите заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде неговото возило „ситроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.
Ново на Сител
-
Скопскиот Кривичен суд ќе го води судскиот процес за пожарот во кочански „Пулс “
-
Лион ќе се жали поради испаѓањето во Лига 2
-
Министерство за економија и труд: Да се применуваат мерките за заштита на работниците од горештините
-
Видеоиграта „Death Stranding 2“ достапна за обожавателите
-
Шварценегер откри кој филм му донел најмногу пари
-
Пристапот до Интернет во Иран се враќа во „претходна состојба“
-
Повредените од „Пулс“ со 62 бели балони за загинатите и порака „Никогаш нема да ве заборавиме“ | ВИДЕО
-
Тошковски: Работниот статус на полицајците во истрагата за „Пулс“ е ставен во мирување