Обвинителството ќе презентира нови материјални докази на судењето за пожарот во „Пулс“

Со изведување на материјални докази од Обвинителство, денеска во судницата во „Идризово“ треба да продолжи судењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
На претходното рочиште Обвинителството презентираше докази за објектот, неговата сопственост и движење на имот - целокупната фактичка, правна и сопственичка историја на објектот каде се наоѓала дискотеката „Пулс“.
Во судницата беа изведени и документи за правниот статус на објектот согласно урбанистички планови, геодетски елаборати, барање за легализација од 2011 година за делот од објектот кој се третирал како бесправен објект, записници од извршени надзори, договор за закуп, барање за легализација, но и записник од одземени предмети и документи во дискотеката по пожарот.
Беа презентирани и фотографии од внатрешноста на дискотеката Пулс по реновирањето, а обезбедени од вештачењето на телефонот на првообвинетиот Дејан Јованов, за кои Обвинителство нагласи дека нема никаква официјална документација.
Од материјалните докази поврзани со Општина Кочани и дискотеката беа презентирани записник од извршен вонреден надзор, при што се утврдени неправилности - за објект со одобрение за лесна индустрија повеќе години се користи како објект за угостителска дејност дискотека и за истиот нема одобрение за пренамена, потоа Барање за неиздавање лиценца за работа од Општина Кочани од 2012 година со известување дека претходното известување од Општината е дека паркинг просторот се однесува за објекти за лесна индустрија, а не за ноќен клуб, и барање од 2012 година од Општина Кочани до Министерството за економија дека имаат информации дека компанијата Класик ТП поднела барање за лиценца за дискотека и да бидат известени во врска со тоа.
Одбраната реагираше дека дел од доказите се прибавени на незаконит начин и не треба да бидат изведени како докази, како и на самата законитост на прибрани докази.
Обвинителство презентираше и Записник за пронајдени и одземени предмети откако се овозможиле услови за тоа на лице место на настанот - од лични документи, лап топи, каса со пари и други предмети, меѓу кои беа посочени 140 билети на кочан за влез во дискотеката Пулс, Договор за патролно осигурување меѓу Рубикон секјурити солушнс и ММММ Кафе ДООЕЛ, Известување за вршење дејност и записник од извршен инспекциски надзор за безбедност и здравје при работа во дискотеката.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
МИА
Ново на Сител
-

МЗ: Близу 350 лица викендов прегледани во Гостиварската болница со симптоми на ентероколит, три лица се хоспитализирани
-

Невреме предизвика голема материјална штета низ Словенија, десетици интервенции на пожарникарите
-

Андоновски: Во Крушево отворен 16. Центар за услуги, граѓаните добиваат непосредна поддршка и директен пристап до електронските услуги
-

Топлотниот бран продолжува до вторник, заладување и дожд од среда
-

Во ЕУ има 15,7 судии на 100 000 жители, а во Македонија 20,1
-

Лишени од слобода крадци во Стар Дојран, украденото ќе биде вратено на сопственикот, следува пријава
-

Фејсбук недостапен за илјадници корисници ширум светот
-

Меси: Што и да се случи во финалето, Аргентина веќе напиша историја
