Од Букурешт до Кочани - две трагедии, една иста болна лекција
Од Букурешт до Кочани, две трагедии, а една иста болна лекција. Пожарите во дискотеките „Колектив“ и „Пулс“ ги отворија истите прашања - зошто се повторуваат истите грешки и што научивме од нив? На јавна дебата, претставници на романските власти ги споделија искуствата од пожарот во дискотека кој пред 11 години одзема 64 млади животи. Во двата случаи отсуствуваше превенцијата, велат тие.. Не се почитувале безбедносните протоколи, заклучени итните излези, незаконски се употребила пиротехника.
„Да се креираат јасни правила и често да се прават инспекции дека прописите се почитуваат. Не можеме да веруваме дека некој кажал, Да, почитуваме! Не, мораме да одиме да провериме и да имаме средства да преземе мерки“, изјави Реад Арафат, Државен Секретар за цивилна заштита на Романија.
Огромниот број на повредени, бил неверојатен притисок врз здравствениот систем. Лажните вести и обвинувањата за задоцнета реакција го зголемил револтот кај родителите на загинатите. Под притисок на јавноста, без потреба се праќале пациенти на лекување во странство.
„Во еден случај, авионот полета и мораше веднаш да слета затоа што лицето не го преживеа ниту полетувањето. И наместо на експертите да им дозволиме да донесуваат одлуки, поради огромниот притисок, семејствата не им веруваат веќе на стручните лица. Почнуваат да вршат притисок за одлуки со кои стручните лица не се согласуваат, но не можат да се борат со семејството“, вели Арафат.
Ниту Букурешт и Кочани, не беа доволни да спречат нова трагедија, па на новогодишната ноќ, употребата на пиротехника во Швајцарија зема 41 човечки живот. И таму отсуствувала контрола на објектот, а за справување со последиците, клучно било активирањето на ЕУ механизмот за цивилна заштита.
„Овие настани обично се случуваат како резултат на тоа дека луѓето не се однесуваат одговорно кога управуваат со вакви објекти. И оние кои се одговорни за вршење надзор за воведување на безбедни мерки. И во Швајцарија исто така си поставуваме одредени прашања во однос на ова“, изјави Кристоф Зомер, Амбасадор на Швајцарија.
Трагедиите во Букурешт, Кочани и Кран Монтана, покажуваат дека во отсуство на контрола, грешките се повторуваат, заклучија учесниците на дебатата. Согласни се дека последиците од такви пожари, траат со години.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
