Loading Video...
Бизнис
3. May 2026 - 16:44

Од конфликтот на Блискиот Исток до македонските пумпи: Колку поскапеа горивата?

Геополитичките тензии по американско-израелскиот напад врз Иран предизвикаа голем скок на цените на горивата низ цела Европа. Иако по прекинот на огнот пазарот малку се смири, горивата и натаму се многу поскапи отколку пред ескалацијата на конфликтот. 

Според податоците на Европската комисија, најголем удар во Европа претрпе дизелот. Неговата просечна цена во ЕУ, во периодот од 23 февруари до 20 април, се зголеми за 26 проценти. Најдрастични поскапувања се забележани во Бугарија со 43%, по што следат Франција, Естонија и Белгија, каде цените пораснаа за повеќе од една третина.

Сличен тренд се забележува и во Македонија. Податоците од Регулаторната комисија за енергетика покажуваат дека во периодот од 3 март до 28 април, најмногу поскапел дизелот – за 28,9 проценти. 

Во овој период, максималната цена на дизелот порасна за 20,5 денари, односно од 71 на 91,5 денари по литар. Кога ќе се пресмета попустот од снабдувачот, крајната сметка за граѓаните е дека дизелот е поскап за 17,5 денари по литар во споредба со почетокот на март. 

Кај бензините ситуацијата е нешто поблага. Цените на Еуросупер 95 и 98 пораснаа за околу 10 и пол проценти. Иако максималната цена се зголеми за 8 денари, со вклучените попусти реалното поскапување кај бензинот изнесува 6 денари по литар. 

Опозицијата критикува дека мерки за заштита на стандардот на граѓаните нема, а граѓаните со кризата се справувале сами.

„За две години откако Мицкоски е на власт, јавниот долг е зголемен за огромни 2,3 милијарди евра и сега изнесува 10 милијарди и 774 милиони евра, историски највисоко. Да биде јасно: ова е чист, нов долг. Сè што е вратено е веќе одземено од пресметките – станува збор за нето задолжување, директно создадено од оваа неспособна и расипничка власт. 2,3 милијарди евра нови долгови а во исто време: нема пари за повисоки плати за работниците, Владата одбива да ја покачи минимална плата од 600 евра, нема мерки за поскапувањата, граѓаните се оставени сами да се справуваат со сиромаштијата во криза“, истакна Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ вратија – „СДС е партија која додека беше на власт потроши милионски буџети, а немаше ниту една инвестиција, ниту пак капитални проекти. СДС ги осиромаши граѓаните и ги остави со празни џебови додека буџетската каса ја испразни, а државата ја остави на раб на банкрот. СДС континуирано води политика и ПР стратегија со која што шири лаги и манипулира. СДС лажеше дека ќе банкротираме, не банкротиравме. Напротив, се зголемија платите, се испочитуваа Колективните договори“, стои меѓудругото во реакцијата на партијата. 

Како антикризни мерки, Владата најпрво го намали ДДВ-то, а потоа и акцизите на горивата, а ги замрзна и маржите на ѓубривата за да не се зголеми трошокот на земјоделците. 
Цените на нафтата на светските берзи неделава достигнаа највисоко ниво во последните 4 години, додека Ормутскиот теснец втор месец по ред останува затворен. 

Поради рекордните цени, раководителот на Рускиот фонд за директни инвестиции, Кирил Дмитриев, денеска на Икс напиша дека светот невесно се движи кон најголемата енергетска криза во историјата.

Претходно, Меѓународната агенција за енергија предупреди за можен недостиг на дизел и керозин во Европа.