Од морбили заразени и вработени во градинките - прв случај на заболена негователка во Кисела Вода
Воспитувачка во градинка во Кисела Вода заразена со морбили. 35 годишната пациентка е хоспитализирана на Инфективна. Не била вакцинирана, информираа од министерството за здравство. На болничко лекување вчера е задржано и седуммесечно бебе од Студеничани, а двајца пациенти со полесна клиничка слика по прегледот пуштени се на домашно лекување. Според податоците од Институтот за јавно здравје за еден месец во Скопје регистрирани се над 100 случаи со мали сипаници, а МРП примиле 4530 лица.
Од опозициската ВМРО ДПМНЕ повторно побараа оставка од министерот за здравство. Го обвинија Филипче за манипулирање на јавноста дека неговата внука ја вакцинирал против морбили. И побараа надлежните институции да преземат мерки.
- Филипче прво го злоупотребил детето во политичка измама, а потоа свесно ги донел во заблуда граѓаните на Република Македонија, со самото тоа извршил кривично дело Измама според чл. 247 од Кривичниот Законик, рече Игор Николов,член на ИК на ВМРО ДПМНЕ.
Од министерството за здравство најостро ги демантираа како што велат лагите на ВМРО ДПМНЕ со кои ја манипулирале јавноста и го нарушувале јавното здравство.
- Внуката на министерот Филипче е вакцинирана во амбулантата Идадија -МлинБалкан со вакцина ДиТеПер, онаа која и следуваше согласно вакциналниот календар. Објавата од вакцинацијата на неговата внука е само личен пример со кои ги охрабруваме граѓаните да не се плашат од вакцинација и да докажеме дека вакцините за сите деца се безбедни, се вели во реакцијата од министерството за здравство.
Епидемиолозите пак апелираат епидемијата со морбили да не се користи во дневно политички цели.
Освен во земјите во регионот поради зголемениот број на случаи со мали сипаници епидемија е прогласена и во Вашингтон.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
