Од полноќ почнува кампањата за Локалните избори 2025
Од денеска на полноќ почнува 20-дневната кампања за Локалните избори 2025 што ќе се одржат на 19 октомври (втор круг на 2 ноември).
Локалните избори на 19 октомври годинава ќе бидат осми од независноста на државата, а четврти на кои се избираат градоначалници и советнички листи во 80 општини и Градот Скопје. На Локалните избори 2025 има вкупно 309 кандидати за градоначалници и 576 кандидатски листи за членови на општинските совети со вкупно 10 490 кандидати.
Државната изборна комисија на седница во петокот го заклучи Избирачкиот список на кој се запишани вкупно 1.832.415 избирачи.
Претседателот на ДИК Борис Кондарко, информираше дека согласно евиденцијата на надлежните органи право на глас имаат вкупно 112.000 избирачи кои се на привремена работа или престој во странство, 2.162 избирачи кои се наоѓаат на издржување казна затвор или се во притвор и 450 избирачи од домовите за стари лица.
Увидот во избирачкиот список траеше 20 дена, во кои граѓаните со право на глас можеа да ги проверат своите податоци и бараат корекции.
Во државата се констатирани 3.480 избирачки места, од кои во 132 избирачки места се потпишани помалку од десет избирачи, на кои гласањето ќе биде спроведено на најблиското избирачко место.
Вкупниот буџет за одржување на локалните избори 2025 изнесува 9 милиони 760 илјади евра, од кои две третини се пари наменети за медиумите и платеното политичко рекламирање. Дополнително на овие пари е и сумата за надоместоците на членовите на избирачките одбори и транспортот и дистрибуцијата на членовите на ИО и избирачкиот материјал од ОИК до избирачките места каде што ќе се гласа, бидејќи тие ги обезбедуваат локалните самоуправи.
Според Изборниот законик, локалните избори се одржуваат на секои четири години во втората половина на октомври. Локалната самоуправа е организирана во 80 општини и Градот Скопје како посебна единица на локалната самоуправа. Во состав на Градот Скопје функционираат 10 општини, кои имаат поделени надлежности со Градот. Изборите ги распишува претседателот на Собранието со донесување акт што се објавува во Службен весник. Изборите се одржуваат најрано 70, а најдоцна 90 дена од денот на распишување на изборите.
Локални избори во Македонија се одржале во 1996, 2000, 2005, 2009, 2013, 2017 и 2021 година.
МИА
Ново на Сител
-
Сиљановска-Давкова од Детроит: Државата ќе продолжи да вложува напори да ги зацврсти врските со дијаспората
-
Маж осомничен за изнуда на пари од жена во странство, со закани и барал 15 илјади евра
-
Честитка од претседателот на Собранието, Гаши по повод 28 Септември - Меѓународниот ден на Бошњаците
-
ИДФ: Погодени се 140 цели во Газа
-
Иран го повика Гутереш да го спречи активирањето на механизмите за спроведување на санкциите на ОН
-
АХВ: Можно труење со храна во Штип, времено затворена сендвичарница
-
Полска рано утринава го затвори воздушниот простор на југоисточниот дел од земјата
-
Маријан Илич, една од седумте најбогати жени во светот: Ги сакам Македонците, добро го зборувам јазикот, јас сум горда Македонка