Македонија
8. March 2024 - 16:34

Од понеделник невакцинираните деца остануваат дома

Од понеделник ниту едно кое не е целосно вакцинирано  против пертусис не смее да биде примено во градинка во Скопје. Државниот санитарен и здравствен инспекторат почнува со засилени вонредни контроли и на секоја предучилишна установа ќе и издава решение за забрана на прием на деца кои не примиле Ди Те Пер.

- Исто така ќе се задолжат одговорните лица во предучилишните установи да изготват список на сите невакцинирани деца со ДТП. Да не се примаат деца со други инфективни заболувања, како и за секое зголемено отсуство да биде известен Центарот за јавно здравје Скопје, стои во известувањето на ДСЗИ.

Повеќе од месец дена во пунктовите за имунизација голем број деца примија Ди Те Пер кои биле пролонгирани или одложени поради болест. Но се уште е голем процентот на оние кои не се целосно имунизирани. Од таа причина тимовите во една смена работат и во сабота за да одговорат на потребите.

-Со овие контроли ќе спречиме да се мешаат вакцинирани со невакцинирани а тоа е еден од начините за спречување на ширење на пертусис, кој гледаме дека се шири. Ако кај 1 од 1000 заразени може да дојде и до фатален исход, не сакаме да се доведеме во таква ситуација, вели д-р Злате Мехмедовиќ, портпарол на КЗБ.

Во Скопје бројката на дијагностицирани достигна до 165, од кои седум се потврдени денес. Најголем број се деца од училишна возраст.