Од училници до дипломатија – Како Кина ги гради врските со Македонијa

Преку изучување на кинескиот јазик, стипендии, академски размени и културни настани, Кина гради врски со македонските граѓани и институции. Нејзината „мека моќ“ не се сведува само на промоција на културата, туку придонесува и за долгорочно јакнење на нејзиниот имиџ и присуство во земјава и регионот.
Дали е поразлично од она што го прават други големи сили? Кој е кинескиот интерес во земјава, но и Западен Балкан? Кога на геополитичката сцена културата, образованието, економијата и дипломатијата сè почесто се испреплетуваат, кој е вистинскиот предизвик за македонските институции, но и државите од Западен Балкан?
Јана Алексова веќе пет години го учи кинескиот јазик од својот дом во Виница. Оваа 15 – годишна ученичка преку онлајн часовите на Институтот „Конфуциј“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје добила можност да учи јазик што ѝ отворил врата кон една поинаква култура, нови пријателства и меѓународно искуство.
Нејзиниот интерес ја однел и на натпреварот „Кинески мост“, на кој покрај знаењето на јазикот, учесниците ја претставуваат и културата од која доаѓаат. Таа одржала говор на кинески, отпеала кинеска песна и настапила во македонска народна носија. За своето учество освоила стипендија што ѝ овозможува еден семестар да го усовршува јазикот во Кина, во периодот до 2029 година.
„Ова искуство беше многу повеќе од обичен натпревар — тоа беше можност да создадеме нови пријателства со млади луѓе од целиот свет и преку меѓусебна дружба да градиме мостови помеѓу нашите различни култури“, вели Алексова.
Престојот во Кина за неа бил многу повеќе од туристичка посета. Учениците посетувале училиште во Тјенџин, присуствувале на редовна настава и престојувале кај кинески семејства. Ја запознале земјата преку нејзините историски знаменитости, храната и традициите, но и преку современите технологии, електричните возила и други образовни активности.
Приказната на средношколката е еден од примерите за образовните и културните врски меѓу Северна Македонија и Кина. Тие се развиваат преку изучување јазици, стипендии, академски размени, научни проекти и културни настани. Но, покрај можностите што ги создаваат овие контакти, се отвора и поширокото прашање: како образовната соработка и културната привлечност се вклопуваат во стратегијата на Кина за градење меѓународно влијание?
Образовните врски со Кина
Во Македонија, како и во светот, Институтот „Конфуциј“ е една од главните точки на образовна и културна соработка со Кина. Има над 500 институти, во над 150 земји. Во Северна Македонија постои од 2013 година и тогаш курсеви по кинески јазик следеле околу 60 слушатели. За седум години (во академската 2020/2021) бројот се зголемил за девет пати, на 562 слушатели. Наставата се проширила и во градови надвор од Скопје, па вкупниот број на курсисти по различни курсеви е 1.400 во учебната 2022/23.
Сега, во академската 2026/27 година има околу 300 слушатели, но бројот не е конечен, бидејќи уписот уште трае, според податоците што ги сподели Институтот „Конфуциј“.
„Мотивите за изучување кинески јазик се разновидни. Некои слушатели се заинтересирани за кинеската историја, култура и традиција, додека други во познавањето на јазикот гледаат можност за образование, за студирање во Кина или за натамошен професионален развој. Сè поголемото меѓународно економско значење на Кина несомнено придонесува за практичната вредност на познавањето на кинескиот јазик. Дополнително, директните образовни и културни контакти можат да го поттикнат интересот кај младите“, вели проф. Влатко Стоилков, директор на Институтот „Конфуциј“.
Еден од каналите на соработката во образованието меѓу Македонија и Кина е преку Спогодбата за соработка потпишана меѓу министерствата за образование од двете држави на 5 декември 2007 година. Со оваа спогодба, кинеската страна годишно доделува квота до пет стипендии за македонски студенти за додипломски, магистерски и докторски студии и специјализации.
Според податоците што ги сподели Министерството за образование и наука (МОН), досега околу 100 македонски студенти заминале на студии за учење на кинески јазик односно специјализации во трање од една година, како и на редовни и постдипломски студии.
Двете влади, пак, од 1995 година имаат Спогодба за соработката во областа на науката и технологијата, која предвидува заеднички научно-истражувачки проекти меѓу научните работници од двете страни. Досега се реализирани шест проектни циклуси при што успешно се завршени 65 македонско-кинески научно-истражувачки проекти во нанотехнологија, информатика и компјутерски науки, земјоделство, сеизмологија и земјотресно инженерство, медицина, обновливи изори и други области.
ПЕНТАГОН ГИ ПРОГЛАСИ ИНСТИТУТИТЕ „КОНФУЧИЈ“ ВО САД ЗА ЗАКАНА ПО НАЦИОНАЛНАТА БЕЗБЕДНОСТ
Министерството за одбрана на САД ги прогласи кинеските културни центри на универзитетските кампуси, познати како Институти „Конфуциј“, за закана по националната безбедност на САД, соопшти американскиот министер за одбрана Пит Хегсет.
Во видео изјава објавено на социјалните мрежи на 23 октомври 2026, Хегсет наведува дека Пентагон ги ставил на својата листа со институции што претставуваат закана за националната безбедност обвинувајќи дека овие институти дејствувале прикриено на американските универзитети.
При објавата на веста, од „Ројтерс“ посочија оти амбасадата на Кина во Вашингтон не одговорила на барањето за коментар. Ваквиот чекор на американските власти следува откако Вашингтон долго време ги обвинува институтите „Конфуциј“ дека се алатки за кинеска пропаганда.
Дипломатија преку теми блиски до граѓаните
Кога е во прашање поголемата слика за кинеската културна дипломатија, таа не се одвива само во Скопје и во универзитетските центри. Таа стигнува до локалните заедници, училиштата и општините, често преку теми што им се блиски на граѓаните.
На пример, кинеската амбасадорка Џијанг Сјаојан кон средината на октомври го посети пинг-понг кампот во Пехчево, град на истокот на државава. Посетата се поклопи со јубилејот од една година од нејзиниот мандат во Северна Македонија.
Како што вели самата, во една година посетила многу општини, реализирале многу културни настани, размена на луѓе итн.
„Во иднина отворена сум за какви било можности, за биснис соработка, туризам, трговија и инвестиција, размена на луѓе“, рече Сјаојан во изјава за локалниот портал „Делчево365“.
Претходниот месец, амбасадорката од Кочани, од Кочани, уште еден град во источниот регион, зборуваше за оризот — култура што го поврзува градот со Кина. Нејзината посета во септември 2026 година беше поврзана со десетгодишнината од меморандумот за пријателство меѓу Кочани и кинескиот град Вуси. Покрај учеството на настан со локалното население, амбасадорката посети и погон за преработка на ориз и капацитет за одгледување орхидеи.
Во април 2026 година, пак, во Штип беше одбележан Меѓународниот ден на кинескиот јазик, со учество на повеќе од 200 ученици и наставници. Програмата вклучуваше презентации, калиграфија и традиционално сечење хартија. Во февруари, амбасадата и македонскиот „Велком центар“ организираа настан за Кинеската нова година, на кој присуствувале претставници од дипломатскиот, академскиот и деловниот свет.
Во октомври, во Скопје беше отворен првиот Кинески филмски фестивал во Македонија. Според податоците од Амбасадата, на отворањето присуствувале повеќе од 150 гости, а програмата била планирана да се одвива во пет градови во текот на 12 дена. Преку филмските проекции и средбите со кинески автори, целта на организаторите беше кинеската кинематографија да ѝ се приближи на македонската публика. Во ноември 2025 година, во Скопје бил организиран настан за развој на туристичката соработка меѓу двете земји.
Ваквите примери во пракса, го илустрираат она што во хартија со дипломатски речник би можело да се нарече „мека моќ“. И таа не е карактеристична само за Кина.
„Проблемот не е во тоа што Кина се обидува да изгради позитивен имиџ – тоа го прават сите големи сили. Прашањето е на кој начин го прави тоа, какви интереси остварува со тоа и дали државите имаат доволно капацитет да ги заштитат сопствените интереси“, вели Лука Павичевиќ, истражувач и проектен координатор во Центарот за мониторинг и истражувања од Црна Гора.
Што е „мека моќ“ и каде почнува политичкото влијание?
Во меѓународните односи, терминот „мека моќ“ се однесува на способноста на една држава да ја зголеми својата привлечност преку културата, образованието, вредностите, јавната дипломатија и меѓународните партнерства. За разлика од економскиот притисок или воената сила, „меката моќ“ се потпира на создавање позитивна слика, интерес и подготвеност за соработка.
Оливер Шамбевски, кој е поранешен македонски амбасадор во неколку држави, меѓу кои и во Кина, вели дека меката моќ во дипломатијата функционира на долг рок. Нејзината цел не е нужно веднаш да се произведе конкретна политика одлука туку да создаде средина во која една држава ќе биде подобро разбрана, поприфатена и перципирана како легитимен партнер.
„Кога младите луѓе учат кинески јазик, студираат во Кина, создаваат професионални контакти и стекнуваат позитивни искуства, тие природно развиваат поголема блискост со таа земја. Тоа само по себе не е проблем. Но, од перспектива на надворешната политика, ваквите врски можат долгорочно да го олеснат економскиот дијалог, институционалната соработка и политичката комуникација. Во помали општества, каде што кругот на академски, економски и политички елити е релативно тесен, ваквите мрежи можат да имаат дополнителна тежина. Затоа би рекол дека кинеската мека моќ не треба да се разбере само како промоција на кинеската култура, туку и како инвестиција во долгорочни односи, доверба и пристап до општествените и институционалните структури“, вели Шамбевски. (Целиот разговор со поранешниот амбасадор Шамбевски, прочитајте го ТУКА)
Кога е во прашање Кина, според Здружението за развој на стратегии, истражување, едукација и промоција на меѓународни вредности ЕСТИМА, таасистематски ја консолидира својата позиција како една од водечките сили во областа на меката моќ,
Од ЕСТИМА велат дека кинеското присуство во Северна Македонија е специфично токму поради тоа што влијанието не може да се објасни само преку обемот на економската соработка. Истражувања на оваа тинк-тенк организација покажаа дека, и покрај релативно ограничените економски придобивки во форма на значаен извоз и директни инвестиции, Кина имала силно медиумско присуство, рангирајќи се на третото место меѓу 17 земји од Централна и Источна Европа во анализата на нејзиното медиумско присуство и претставување – што укажува дека меката моќ е важен дел од поширокото кинеско присуство во земјава.
„Кинеската мека моќ не се однесува само на промовирање култура и јазик, туку и на претставување на кинескиот модел на управување како функционална алтернатива на западните демократски системи. Во земја како Северна Македонија, која е членка на НАТО и се стреми кон членство во ЕУ, важно е ваквите пораки да се анализираат во контекст на нашите демократски стандарди, стратешки определби и надворешнополитички интереси“, вели Александра Давитковска- Спасовска, истражувачка во ЕСТИМА.
Последиците не мора да бидат непосредни или лесно мерливи. Тие можат постепено да се појават преку еднострано разбирање на меѓународните односи, некритичко прифаќање на одредени политички наративи или влијание врз ставовите на луѓе кои подоцна преземаат одговорни функции во институциите, медиумите или академската заедница. Затоа, долгорочното градење односи е толку значајно во стратегијата на меката моќ.
„Сепак, би било погрешно секоја образовна размена, стипендија или културна активност да се третира како закана. Впрочем, и нашите истражувања не утврдуваат дека сите овие активности имаат негативни последици, ниту дека секој учесник во нив станува носител на кинеските интереси. Претпазливоста треба да се заснова на докази, а не на претпоставката дека соработката со Кина сама по себе е проблематична. Тоа што ѝ е потребно на Македонија е јасна рамка за транспарентност на странското финансирање, заштита на академската слобода, независност на медиумите и критичко оценување на меѓународните партнерства. Потребни се и поголеми домашни истражувачки капацитети за следење на странското влијание, без оглед дали станува збор за Кина или други меѓународни актери“, вели Давитковска-Спасовска од ЕСТИМА.
Според тинк-тенк организацијата, целта не треба да биде ограничување на соработката со Кина, туку способност да се искористат нејзините можности без да се изгуби сопствената способност за независно одлучување.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНРиТ), пак, велат дека односите со Кина се развиваат во согласност со надворешнополитичките приоритети и националните интереси на државата, меѓународното право и глобалните норми.
„Неопходно е да се прави јасна разлика меѓу редовната меѓународна соработка и активностите што би можеле да претставуваат безбедносен ризик. Во поширок контекст, ангажманот со Народна Република Кина го гледаме низ принципите на меѓусебно почитување, меѓународното право и глобалните норми. Го препознаваме интересот на Кина за проширување на економското присуство во Западен Балкан, особено во областа на инфраструктурата, при што наш став е економската соработка да се одвива транспарентно, согласно со законите, институционалните процедури, европските стандарди, принципите на фер конкуренција и најдобрите меѓународни деловни практики“, велат од Министерството за надворешни работи.
Прашања беа испратени и до Амбасадата на Кина во Северна Македонија, за нивен став за критиките од западни центри дека кинеските инвестиции и инфраструктурни проекти во регионот се дел од таканареченото „економско влијание“, а не од чисто комерцијална или развојна соработка. До објавувањето на текстот не добивме одговор.
Од регионот, само Србија има поголема доверба во Кина отколку во ЕУ
И покрај присуството на Кина во земјава преку алатките на „меката моќ“, граѓаните на Северна Македонија имаат поголема доверба во Европската унија (ЕУ), покажува годишното истражување Annual Perception Surveys 2026, објавено во јуни 2026 година во рамки на проектот WeBalkans, кој е поддржан од ЕУ.
Од земјите во регионот, само Србија има поголема доверба во Кина (54,5 отсто) отколку во ЕУ (39,8 отсто), покажа истражувањето.

Илјадници Срби во мај 2024-та се собраа пред палатата „Србија“ за да го пречекаат кинескиот претседател Си Ѓинпинг кој заедно со поранешниот српскиот претседател Александар Вучиќ ги поздрави од балконот. Неговиот лик и денес, заедно со ликовите на рускиот претседател Владимир Путин, на пример, може да се забележат како се продаваат на сувенири, дури и на чорапи, низ центарот на Белград.
Павичиќ од црногорскиот Центар за мониторинг и истражувања вели дека токму на Западен Балкан кинеското присуство не може да се гледа исклучиво преку призмата на „мека“ или „тврда моќ“ бидејќи Кина користи цел спектар на инструменти – од инфраструктура, инвестиции и технологија, преку културни и академски размени до политички контакти и промоција на сопствениот модел на управување.

Според него, во кинеското стратешко размислување, меката моќ не е само способност да се привлечат други преку културата и вредностите, туку е поврзана и со политичкото влијание и способноста на Кина да го обликува меѓународниот дискурс и да се претстави како посакуван и легитимен актер.
„Западниот Балкан во оваа смисла претставуваше област на можности за Кина. Таа го искористи долгогодишниот недостаток на ангажман на Европската Унија во одредени области, особено кога станува збор за големи инфраструктурни проекти, и понуди аранжмани кои беа привлечни за локалните политички елити. Во исто време, кинескиот пристап наиде на разбирање во одредени земји поради политичките модели кои даваат приоритет на силната извршна власт, економската ефикасност и стабилноста, честопати на сметка на демократските стандарди и институционалната одговорност“, вели Павичевиќ.
Тој е дециден дека кинеската мека моќ треба да се гледа во поширок контекст и оти е „тешко да се зборува за една крајна цел“.
„Кинеската стратегија е долгорочна и прагматична. Сепак, ако кинеското присуството го гледаме во контекст на глобален натпревар со Западот, јасно е дека Пекинг настојува да обезбеди простор за свое влијание во различи делови од светот, вклучително и регионот кој географски се наоѓа во Европа и е силно поврзан со евроатланските простори“, додава истражувачот.
Тој укажува и на уште важен аспект – влијанието врз јавното мислење. Според него, пораката на Кина за развој без политичка условеност може да биде особено привлечна во општествата кои се разочарани од бавната европска интеграција или веруваат дека Западот применува двојни стандарди. Притоа, според Павичевиќ, постои ризик позитивниот имиџ за Кина да се претвори во некритичко прифаќање на нејзините позиции, без доволно внимание на прашањата за транспарентност, човекови права и долгорочни стратешки интереси.
Не е потребна изолација од Кина, туку силни институции дома
Сепак, нашите соговорници се децидни. Изолација од Кина не е потребна, но неопходна е претпазливост.
Соработката со Кина, нагласува Павичевиќ, сама по себе не е проблематична доколку е транспарентна, економски оправдана и во согласност со меѓународните обврски на државите.
„Затоа, одговорот не треба да биде изолација од Кина, туку зајакнување на институциите, транспарентноста и капацитетите за процена на долгорочните последици од меѓународните договори. На крајот, не е клучно дали некоја голема сила успева да изгради позитивен имиџ во нашето општество, туку дали соработката со неа придонесува за остварување на нашите долгорочни интереси“, вели Павичевиќ.
Во тој правец се и ставовите на поранешниот амбасадор. Како земја со определба за членство во ЕУ, посочува тој, суштинското прашање не е дали треба да се соработува со Кина туку како таа соработка да биде усогласена со долгорочните стратешки цели на државата, економските интереси и институционалните стандарди.
„Македонија не треба да се плаши од кинескиот јазик, култура или образовна соработка. Напротив, познавањето на Кина е предност во современиот меѓународен систем. Но, мора да разбереме дека во денешната геополитика културата, образованието, економијата и дипломатијата сè почесто се испреплетуваат. Затоа вистинскиот предизвик за малите држави не е да избираат меѓу изолација и некритичка отвореност, туку да развијат институции што можат да соработуваат со различни глобални партнери без да ја загрозат сопствената независност“, вели Шамбевски.
Не е проблем Кина да гради мека моќ во Македонија, заклучува тој и додава: „Прашањето е дали Македонија има доволно силни институции за самостојно да ги дефинира своите интереси“.
Текстот го подготви Деспина Тодоровска во соработка со новинарот Александар СамарџискиНово на Сител
-

Народниот правобранител нотира - ниту еден затвор нема 24-часовна здравствена служба
-

Постизборна Србија: Студентите бараат чистка во медиумите
-

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со меѓусебни обвинувања
-

Над 5.000 договорци ќе добијат шанса за редовно вработување - поднесен нов закон
-

Ако не се најде решение за превозниците, ќе нема кој да ја испорача стоката до Унијата
-

На Неврологија третирале 16 годишен пациент со мозочен удар
-

Потпишана Националната програма за достоинствена работа
-

СДСМ: Историска победа во Србија – ќе се расчистат криминалите во Македонија
