Македонија
3. May 2022 - 16:36

Од утре нема ковид мерки во Македонија

Од утре живот без ковид мерки. Владата денеска ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести да бидат укинати сите рестрикции освен задолжителното носење на маска во болници, аптеки, јавен превоз и старски домови. Согласно владината одлука, нема веќе потреба од вакцинални сертификати во затворените делови на угостителските објекти и одењето на спортски и културни настани. Нема веќе ограничување на број на посетители ниту пак протоколи кои беа воведени за се и сешто.

До граѓаните останува апелот од советодавното тело на министерот Сали за почитување на препораките за лична хигиена и заштита. Дел од епидемиолозите дополнуваат дека е неопходна и постојана вентилација на просториите поради доминантниот пат на пренесување на вирусот преку воздухот.  

Укинувањето на мерките доаѓа со стабилната епидемиолошка состојба – мал број на новозаболени и хоспитализирани и околу 500 тини активни случаи во моментот.

Комисијата за заразни болести нема да заседава утре како и вообичаено, но како што велат од Министерството за здравство и понатаму ќе се состануваат кога ќе има потреба и во зависност од бројките.

Не само кај нас, многу земји ги укинаа рестрикциите, некои вирусот го третираат како обична настинка а при влез во одредени држави веќе нема потреба од никакви документи за ковид статусот.