Одбележани 25 години од Охридскиот рамковен договор

Со панел-дискусија посветена на досегашната имплементација и идните предизвици беше одбележана 25-годишнината од Охридскиот рамковен договор, во организација на Министерството за односи меѓу заедниците во Клубот на пратениците.
На панелот беше истакната потребата од продолжување на реформите, зајакнување на децентрализацијата, владеењето на правото и европската интеграција, како и подобрување на квалитетот на јавните услуги.
На панелот учествуваа универзитетски професори, експерти, поранешни дипломати, политичари, новинари и претставници на граѓанското општество.
Министерот за односи меѓу заедниците Агон Ферати порача дека 25-годишнината не треба да биде само потсетување на минатото, туку можност вниманието да се насочи кон иднината, зајакнувањето на владеењето на правото и развојот на поинклузивно општество.
-Овој настан не е само за одбележување на 25-годишнината од Охридскиот рамковен договор. Тој е можност нашето внимание да го насочиме кон иднината – кон зајакнувањето на владеењето на правото, развојот на едно поинклузивно општество и, особено, кон градењето капацитети и создавањето повеќе можности за младите - истакна Ферати.
Поранешната дипломатка на ОБСЕ, Кларис Пастори, која била ангажирана во Македонија во периодот на преговорите и имплементацијата на договорот, оцени дека Охридскиот рамковен договор е повеќе од мировен договор, бидејќи ги штити човековите права, ги вклучува заедниците во институциите и ја зајакнува демократијата преку правичната застапеност и децентрализацијата.
-Можам да ве уверам со најголема искреност дека Охридскиот рамковен договор е најдобриот договор што некогаш сум го видела или искусила. Мора да го живеете, да го спроведувате, да го поправате, да го одржувате секој еден ден. Не се работи за преговарање за еден или друг закон и потоа готово е. Не. Мора да се одржува во живот. Тој е жив инструмент и не е само нешто од пред 23 години во минатото, туку е основа за вашата иднина - рече Пастори.
Градоначалникот на Општина Тетово, Билал Касами, оцени дека имплементацијата на основните принципи на договорот треба да продолжи без оглед на политичките промени, посочувајќи ја децентрализацијата како еден од неговите клучни столбови.
Според него, во изминатите 25 години е постигнат напредок, но фискалната децентрализација заостанува зад административната и потребна е поправедна распределба на средствата и поголема локална автономија.
-Без оглед на политичките случувања, како што кажаа и пред мене, кој и да бил, кој е и кој ќе биде на чело на институциите, имплементацијата на основните принципи на Охридскиот договор мора да продолжи - рече Касами.
Поранешниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов, пак, порача дека Охридскиот рамковен договор не треба да се смета за завршена работа и дека стратешки интерес на државата во 2026 година е целосната интеграција во Европската Унија.
-Во 2001-ва стратешкиот и националниот интерес бил мирот. Во 2026-та стратешкиот и националниот интерес е целосна и конечна интеграција во Европската Унија. Преку транспарентните процеси, преку владеење на правото, преку децентрализацијата - рече Костадинов.
Заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков оцени дека Охридскиот рамковен договор и европската интеграција се поврзани преку принципите на еднаквост, доверба во институциите и квалитетни јавни услуги.
-Европската интеграција треба да ја разбереме секако како можност да ги надградиме достигнувањата од Охрид и секако да ги претвориме во уште посилни демократски и институционални стандарди - истакна Трајков.
Таа посочи дека реформската агенда не е само документ, туку обврска на државата кон граѓаните до 2027 година, нагласувајќи дека реформите имаат вистинска вредност кога граѓанинот ќе почувствува дека институцијата е негова, дека има доверба во системот и дека неговите права се заштитени.
-Охридскиот рамковен договор навистина беше еден голем тест за сите нас. Пред 25 години приоритет беше да се создадат услови за мир и стабилност, а денес наш приоритет е да создадеме услови за просперитет, европски стандарди и секако поквалитетен живот - рече заменик-министерката.
Свеченото одбележување на 25-годишнината од Охридскиот рамковен договор продолжува и утре, 13 август, со активности организирани од Министерството за односи меѓу заедниците.
МИА
Ново на Сител
-

Се трага по 4 годишно дете од Македонија кое исчезнало на познато албанско летувалиште
-

Срушен е рекордот за ова лето: 21 активен пожар во Македонија
-

Го снимиле и пријавиле како фрла легло со мали мачиња во парк, АХВ го казни со 550 евра
-

ОЈО Скопје по допрен глас ќе го истражува загадувањето со отпад кај Рашче
-

Орце Ѓорѓиевски се напи вода од чешма и порача: „Скопјани се безбедни“
-

МЗ: Нема регистриран пациент чија состојба се поврзува со загадена вода во Скопје
-

МВР: Вкупно 115 санкции за непрописно престигнување на територија на цела држава
-

АХВ: Водата од скопскиот водовод е безбедна за пиење
