Македонија
12. February 2026 - 16:34

Одбраната на Васев го негира вештачењето на словенечкиот онколог

Одбраната на онкологот Нино Васев целосно го негира вештачењето на словенечката докторка која по барање на обвинителството анализирала како се лекувале онколошките пациенти во Македонија.. Адвокатите сметаат дека докторката Маја Равник од клиничкиот центар во Марибор, не смеела да се води од европските протоколи за лекување на болните од рак, бидејќи тие во нашата држава не се применуваат..

„Има погрешен пристап и целосно непознавање на македонските протоколи по кои македонските лекари се должни да постапуваат, а имаат можност секогаш и од нив да отстапат ако нивната одлука е образложена и евидентиртана во медицинската докуемнтација“, изјави Боби Спирковски, Адвокат на Нино Васев.. 

За одбраната е спорно што словенечката докторка во своето вештачење не посочила кои онколози ги лекувале пациентите чии истории ги испитувала, па невозможно било да се тврди дека обвинетите лекари применувале погрешна терапија.. 

„Јас во своите наводи, според добра совест, можам да дадам мислење дали лекувањето е направено согласно добра клиничка пракса. Точно е дека не гледав кој е потпишан под самиот третман“, изјави во судницата Маја Равник, Медицински факултет во Марибор..   

Докторката од Словенија во претходните три дена одговарајќи на прашања од обвинителството рече дека проверката на медицинските истории покажала дека на болните од рак во земјава им се давала погрешна терапија, често била менувана, а многупати иако имале уште само неколку денови живот, на пациентите им била аплицирана хемотерапија која според Равник, дополнително го скратила нивниот животен век..