Одржана комеморација за Кирк: Трамп го нарече маченик за слободата
На преполн стадион во Глендејл, во американската сојузна држава Аризона, вчера се одржа комеморација за убиениот десничарски активист Чарли Кирк кого претседателот Доналд Трамп во својот говор го нарече херој и маченик за американската слобода.
Трамп на комеморацијата изјави дека Кирк е „маченик за американската слобода“ и вети дека ќе ја продолжи неговата работа. Тој повторно ја обвини „радикалната левица“ за убиството на Кирк, без да наведе никакви докази.
-Насилството доаѓа главно од левицата, рече Трамп.
-Тој не ги мразеше своите противници, тој г сакаше најдоброто за нив. Тука не се согласувам со чарли. Јас ги мразам своите противници и не го сакам она што најдобро за нив, рече Трамп.
На комеморацијата присуствуваа и потпретседателот Џеј Ди Венс и други високи републикански функционери кои дојдоа да му оддадат почит на убиениот десничарски активист.
Комеморацијата беше организирана од конзервативната младинска организација на Кирк, Turning Point USA. Настанот привлече десетици илјади ужалени, облечени во црвено, бело и сино, кои го исполнија стадионот State Farm во Глендејл.
Пријателите и колегите конзервативци на Кирк го пофалија како инспиративен христијанин кој основал политичко движење, а тие ветија дека ќе го негуваат.
Неговата сопруга Ерика, која го презеде водството на Turning Point, му оддаде почит на својот покоен сопруг, гледајќи во небото и безгласно изговарајќи „Те сакам“. Таа зборуваше за неговата посветеност на христијанството, семејството и активизмот.
-Сакам сите да знаете, иако Чарли почина прерано, тој беше подготвен да умре. Го напушти овој свет без жалење. Правеше 100 отсто од она што можеше секој ден, рече таа.
Таа, исто така, му понуди прошка на 22-годишниот маж кој е обвинет за убиството на Кирк.
-Моето срце е скршено, но јас простувам. Чарли сакаше да ги спаси младите луѓе, како оној што му го одзеде животот. На тој човек, на тој млад човек – му простувам. Му простувам затоа што Христос го направи тоа и затоа што Чарли би го направил тоа, изјави таа.
Ерика Кирк зборуваше и за нејзината одлука да не бара смртна казна за обвинетиот Тајлер Робинсон.
-Искрено, му реков на нашиот адвокат дека сакам владата да одлучи. Не сакам крвта на тој човек да биде на мојата совест. Затоа што кога ќе отидам во рајот и Исус ме праша: ‘Око за око? Дали е тоа начинот на кој ги правиме работите?’, а тоа ме спречи да бидам во рајот, да бидам со Чарли?“, рече Ерика Кирк.
Потпретседателот Џеј Ди Венс го пофали Кирк за неговата помош во изборот на Трамп за претседател на САД минатата година преку мобилизирање на младите гласачи.
-Целата наша администрација е тука, но не само затоа што го сакаме Чарли како пријател, туку и затоа што знаеме дека немаше да бидеме тука без него, рече Венс.
Кирк (31) беше убиен на 10 септември со еден куршум додека одговараше на прашања од публиката во кампус во Јута. За неговото убиство е обвинет 22-годишен студент од технички факултет, а истражителите велат дека во пораките до својот партнер признал дека го убил Кирк затоа што му било „доста од неговата омраза“.
Групите за граѓански права го критикуваа Кирк поради реториката која ја опишаа како расистичка, антиимигрантска, трансфобична и мизогина. Неговите поддржувачи велат дека тој бил бранител на конзервативните вредности и застапник на слободата на говорот.
МИА
Ново на Сител
-
Русија негира упади на нејзини воени авиони во воздушниот простор на држави членки на НАТО
-
Учениците во Трубарево се враќаат на настава со физичко присуство
-
Јаневска: Учебниците што им недостигаат училиштата ќе може да ги најдат во ПДФ-формати на веб-страницата на Педагошката служба
-
Тепачка меѓу две групи во Неготино откако девојка пријавила дека била физички нападната во угостителски објект
-
Малолетник на електричен тротинет украл чанта од девојка додека седела во угостителски објект во Центар
-
Тешко повреден 18-годишник на мопед во Охрид откако автомобил удрил во него
-
Десет пожари на отворено денеска до 12 часот, четири активни
-
Промена на времето од четврток – дожд, грмежи и пад на температурите