ОЈО ГОКК побара притвор за Јованов во истрага за поткуп за лиценца - Судот ќе одлучува утре

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) отвори истрага против сопственикот на дискотеката „Пулс“ во Кочани, Дејан Јованов, под сомнение за кривичното дело давање поткуп, а до Основниот кривичен суд Скопје е доставен и предлог за определување мерка притвор за кој Кривичен соопшти дека ќе одлучува утре.
Според Обвинителството, Јованов е осомничен дека дал поткуп на службено лице во Министерството за економија за да му обезбеди лиценца за вршење угостителска дејност без да поднесе барање и иако знаел дека објектот не ги исполнува законски пропишаните услови.
Оттаму наведуваат дека предлогот за притвор е поднесен поради опасност од бегство, но и поради фактот што против осомничениот веќе се води друга кривична постапка за тешки дела против општата сигурност.
- Осомничениот до сега беше обезбеден како обвинет во друга постапка. Но, со оглед на тоа што во однос на тоа дело истекуваат законските рокови за обезбедување, а јавниот обвинител од ОЈОГОКК продолжува да прибира докази во однос на дејствијата на поткуп, тој процени дека ризиците за обезбедување на осомничениот се големи и побара да му биде определена притворска мерка - соопшти Обвинителството.
Претходно денеска Основниот кривичен суд Скопје информираше дека од Обвинителството е доставен предлог за определување нови мерки за обезбедување присуство против Јованов, по кој Судот ќе постапува во текот на утрешниот ден.
Ова следува откако беше објавено дека на Јованов на 3 октомври му истекува едногодишниот притвор во предметот за пожарот во „Пулс“, што претставува законски максимум од денот на оценување на обвинението. Неговата одбрана претходно најави дека ќе понуди гаранција во имот и ќе бара определување мерки на претпазливост за обезбедување на неговото присуство во понатамошниот тек на судската постапка.
- Јавното обвинителство оценува дека притворот е апсолутно неопходна мерка за обезбедување на присуството на овој осомничен, ценејќи ги сите околности и основи - дополнуваат од Обвинителството.
Оттаму дополнуваат дека службеното лице кое го примило поткупот веќе е обвинето и против него се води судска постапка за примање поткуп.
Судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој на 16 март 2025 година загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени, е во тек и се наоѓа во доказна постапка.
МИА
Ново на Сител
-

Муцунски ја пречека Фон дер Лајен на скопскиот аеродром
-

Мицкоски: Вештачката интелигенција е технологија на сегашноста, Македонија треба да биде активен учесник
-

Нарачал 700 грама хашиш од Шпанија да му стигне по пошта во Тетово, го чекале да ја подигне па го уапсиле
-

Утре му истекува притворoт на Јованов - Обвинителството бара да се одбие гаранцијата од 195.820 евра
-

Путин: Наскоро сите ќе возиме кинески автомобили
-

Во Франција денеска ќе бидат затворени повеќе од 400 средни училишта поради протести на учениците
-

86 кг храна годишно по жител завршуваат во отпад од македонските домаќинства - глобално пропаѓаат над милијарда оброци дневно
-

Посебен режим на сообраќај поради посетата на претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен
