Македонија
11. February 2022 - 16:33

Олимпиецот Дејан Георгиевски заслужил помала награда од останатите спортисти – дали се работи за грешка?

Ненамерна грешка или АМС не го признава како најголем успехот на олимпиецот Дејан Георгиевски кој лани во Токио освои сребрен медал во таеквондо. Георгиевски кој беше прогласен за најдобар спортист за 2021, сега доби спортски ваучер од агенцијата со помалку средства од други истакнати спортисти.  По одлуката јавно реагира Дејан Георгиевски и прашува дали свесно агенцијата сака да го понижи најголемиот олимписки успех во историјата на независна Македонија. Георгиевски потенцира дека парите не се негова мотивација но бара да се исправи неправдата од принципиелни причини.

-Никако не можам да раберам како било кој друг спортист во овој момент може да има поголема финансиска добивка со спортски ваучер од мојот успех, никој здраворазумен во нашата држава нема да најде здрава логика во ова што беше направено вчера од страна на комисијата за доделување ваучери при АМС. Срамно! Не сакам ни да помислам дека станува збор за намерно и свесно напаѓање на сребрениот олимписки медал, уште помалку не сакам да помислам дека во сето ова е вмешана политика или нешто слично.

Првиот човек на АМС Наумче Мојсовски лично смета дека можеби е направена грешка за која ќе бара образложение од комисијата. Во телефонски разговор за Сител Мојсовски рече дека уште во п-онеделник ќе се сретне со членовите. Вели дека одлуките ги носи владина комисија а Агенцијата само ги распределува средствата.  Грешки имало и во минатото и доколку станува збор за такво нешто ќе побара веднаш да се направи корекција вели Мојсовски.

Комисијата одлучила каратистот Емил Павлов кој освои сребрен медал на Светското првенство во Дубаи да добие ваучер од 500 000 денари, втора по висина на ваучер е стреличарката Оливера Бикова со 400 000 денари а олимпиецот Дејан Георгиевски е зад нив со доделен ваучер од 350 000 денари.