Онкологија 2: Нино Васев и Ненад Нухи не чувствуваат вина за кривичните дела за кои ги товари обвинителството
Со целосно негирање на обвинувањата за кои ги товари обвинителството, почна судскиот процес за случајот Онкологија 2. Двајцата поранешни раководни лица на Клиниката, Нино Васев и Нeхад Нухи седнаа на обвинителната клупа во Кривичен. Осомничени се за сторени кривични дела при набавка на лекови со што го оштетиле државниот буџет за над 2,2 милијарди денари.
„Не чувствувам вина. Цел живот, 35 години работа на Онкологија, и целта беше само да се спасат човечки животи. 35 години. Затоа и ја прифатив функцијата директор, не акламирана политички, туку како резултат на колегиум на Клиниката“, кажа екс диркторот Васев во воведните зборови.
Меѓу другото, во овој дел се осврна на сработеното на клиниката. Рече дека ги подобрил просториите за пациентите, и дека реновирал дел од просториите.
Обвинителниот акт се однесува на периодот од 2018 до 2022 година. Тој на функција стапил во јуни 2017-тата година, по што побара да се земе в предвид и овој период додека раководел со Клиниката, за како што кажа, да се види во каква состојба ја начекал установата и колку се подобрила.
Вина негираше и второбвинетиот Нухи.
„Се чувстввам невин и истото ќе го докажам во оваа постапка. Мојата невиност ќе произлезе од материјалните и вербалните докази кои ги предлагаме, како и материјално-финансиското вештачење. Оттаму, на сите ќе им стане јасно колку пропусти како процесни, така и материјални има направено обвинителството и зошто сите рокови за истрагата се пробиени. И сите докази вклучувајќи го и нивното вештачење се спротивни на вистината“, кажа Нухи во судницата.
Обвинителството ги товари за злоупотреба на положбата, проневера и измама при набавка на лекори со што направиле огромна штета на буџетот.
„Со незаконски јавни набавки, без согласност на Фондот, над дозволените буџетски средства и со злоупотреба на службената положба обвинетите предизвикале штета на буџетот повеќе од 2,2 милијарди денари“.
Обвинителката Ана Гоговска Јакимовска, образложувајќи го обвинителниот акт потенцираше дека во текот на постапката ќе изведе материјални докази, финансиски извештаи, документација од јавни набавки и сведочење на службени лица со кои, како што рече, ќе се потврди дека обвинетите не постапувале во интерес на Клиниката.
„Со злоупотреба на системот на реверси без правна основа довеле во заблуда државни институции и овозможиме противправна корист за повеќе фармацевтски компании, а потоа тие реверси преку фиктивни набавки биле верификувани на начин со кој Фондот бил доведен во заблуда дека се работи за законски обврски.“, кажа обвинителката.
Судењето продолжува на 16 септември со изнесување на докази.
Ова не е единственото обвинение за Васев. Паралелно на ова, за него се води уште едно обвинение со уште тројца онколози, во кое се товарат за продолжени тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување. Кај 29 пациенти биле применети неподобни терапии, со отстапувања во дозирањето и без соодветна порценка на здравствената состојба. Една од лекарите Мери Пешевска, призна вина и за неа постапката е одвоена. Останатите тројца доктори, меѓу кои и Васев, негираат вина во овој случај.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар