Македонија
26. јуни 2024 - 16:32

Онкологија доби нов директор - предизвици и проблеми еден куп

Магично стапче нема, ама мора да има подобрување на условите на клиниката која ја тресеа најмногу скандали. Новоназначениот директор на Онкологија Игор Стојковски најави дека меѓу приоритетите ќе му бидат вработувања на неопходен кадар и решавање на просторните капацитети.

-Главните предизвици се во моментот просторните, кадровските. Значи да се размислува за проширување на капацитетите за третман и се разбира, круцијално е вработување на персонал од различни профили, вели проф. д-р Игор Стојковски, в.д. директор на Клиника за Онкологија

Онкологија е под лупа на јавноста со месеци. Почна во септември минатата година кога пукна аферата со препродажба на биолошка терапија. Продолжи со истрага на обвинителството и Анкетна Комисија во Собрание која финишираше без официјални заклучоци. Се уште во тек е истрага против петмина од Онкологија а пациентите и денеска како и лани реагираат и алармираат на условите за медицински третман. Чекаат со саати за преглед иако патуваат стотици километри до Скопје. Многу предизвици за новиот директор кој вели дека е важно да има добар однос – лекар – пациент.

-Спрегата лекар, институција, пациент е битна за да се подобрат самите услови и да одговориме на желбите и предизвиците на пациентите, вели Стојковски.

Министерот за здравство како што потврди за Сител, денеска го назначил Стојковски на Онкологија бидејќи на досегашната директорка и истекол договорот. Вчера директорски позиции добија и Фатмир Меџити на Неврологија и Андон Чибишев на Токсикологија. Во следниот период ќе има и други кадровски промени во здравствениот сектор а за економските дирекотри кои се со менаџерски договори се чекаат измени на законот со што оваа функција ќе биде укината.