Македонија
21. January 2025 - 16:43

Онколошки пациенти повторно останаа без биолошка терапија – повеќе пари или подобро планирање?!

Нова година а стари маки и нервози за онколошките пациенти. Стотина од нив од петокот останаа без биолошка терапија бидејќи на Клиниката за Онкологија ја нема. Револтирани се бидејќи нема крај на нивната голгота и патешествија низ болничките ходници каде наместо повик за добивање на лек, им велат, ќе ве повикаме кога ќе добиеме терапија. Што ако недостигот трае со месеци...ако болеста се врати и пак се од почеток....се дилемите на болните што можат да се прочитаат во групите на социјалните мрежи. 

- Доколку не се одобри повторно дополнително буџет како што беше минатото лето, терапија ќе нема се додека не почне користењето на буџетот за 2025 година. Тоа за пациентите е предолго посебно ако тој недостиг трае месец или два, вели Ана Марјановиќ од здружението Хема Онко. 

Пациентите бараат итно решавање на проблемот, од Клиниката за Онкологија очекуваат тоа да го направат што побрзо, но никој не кажува кога и како ќе биде обезбедена терапија за сите. Од клиниката велат сегашната состојба била резултат на процедурите и буџетот од лани без проценка за постојаниот пораст на болни. 

 Дополнително, треба да се земат предвид и континуираниот пораст на бројот на онколошки пациенти, како и сложеноста на административните и финансиските процеси кои влијаат врз набавката на лекови. 

Во врска со предизвиците поврзани со тендерските постапки, веќе се преземаат мерки за подобро планирање на набавките и поедноставување на процедурите, велат ос Клиника за Онкологија. 

Од Фондот за здравствено осигурување, пак, проблемот не го гледаат во финасиите туку преминот на функционирање на клиниката. 

- Преминот не е финансиски бидејќи минатата година одобривме дополнителни 5 милиони евра за онкологија. Проблемот е во транзицијата од претходниот начин на работа на клиниката и сегашниот. Во минатото кога се јавувал ваков недостиг го обезбедувале со реверс што е незаконски, а ние сакаме законски постапки, вели Сашо Клековски, директор на Фонд за здравствено осигурување. 

А за подобро планирање треба и регистар на пациенти, велат надлежните. 

Онкологија е во фокусот на јавноста со години. Скандалот за препродажба на терапија и богатење на грбот на најтешко болните не е финализиран и истрагата се уште е во Обвинителството.