Онколошки пациенти реагираат за партиципацијата на „анастрозол“ и „летрасан“
Онколошки пациенти реагираат за висината на партиципација што ја плаќаат за двата лека кои од 4 август ги земаат од аптека со рецепт од матичен. Иако од Фондот по донесување на одлуката кажаа дека цената ќе биде 50 денари, сегашната партиципација е и повеќе од двојно поголемаи за едната терапија издвојуваат 120 денари. Одлука е донесена на Управен одбор, но бирократските и административни проицедури ја одолговлекуваат имплементацијата. Додека чекаат објава во Службен весник и стапување во сила, сепак, за околу 2 500 лица со рак на дојка за кои оваа терапија е неопходна, ставањето од болничка на аптекарска листа е спас од гужвите и турканиците на Клиниката.
- Оваа промена ја зголемува достапноста на лековите, односно го намалува времето и патувањето на пациентите кои мораа да доаѓаат од други градови на Клиниката за Онкологија, вели Милица Кузмановска од здружението ХЕМА-ОНКО.
Пред да биде донесена оваа одлука која пациентите ја бараа со години, нивното чекање на Онкологија траеше со саати само за да ја добијат таблетарната терапија која на клиниката им беше бесплатна. Од здружението ХЕМА-ОНКО велат дека нивната борба е сите здравствени услуги за пациентите со канцер да бидат бесплатни.
- Се бориме за тоа и се надеваме дека како здужение, нашите идни чекори и борба е токму тоа. Мислиме дека сите онколошки пациенти заслужуваат комплетно бесплатно да се лекуваат во нашата земја, вели Кузмановска.
Инаку, онколошките пациенти претходно се соочуваа и со недостаток на лекови а клиниката е под лупа на судските органи по избивање на скандалот со препродажба на биолошка терапија.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар