Оперативниот план за Владата е визија за подобар живот на 16.000 граѓани, а за СДСМ параван за партиски вработувања
Оперативниот план за вработување за власта е грижа на државата и визија за подобар живот на 16.000 граѓани, а за опозициската СДСМ планот е само параван за партиски вработувања по список.
Од Владата и денеска потенцираат дека во фокусот на мерките се младите, на кои им се нуди можност со државна помош да отворат сопствен бизнис и иднината да ја градат во Македонија.
-Поддршката за самовработување која опфаќа три категории:
1. За невработени лица до 29 години која според проекциите, има опфат од 720 лица, а финансиската рамка е 615.000 денари неповратни средства.
2. Втората категорија се невработени лица над 29 години која опфаќа 610 лица, а овде финансиската рамка е 430.000 денари неповратни средства.
3. Понатаму, доаѓаме до Поддршката за вработување на здружување во друштво со ограничена одговорност, кое е предвидено да опфати 400 лица, рече на прес конференција Марија Митева, портпарол на Владата.
На прес конференцијата реагираа од СДСМ.
Оперативниот план за вработување што го презентираше Владата на ВМРО-ДПМНЕ е само параван, обланда за нов бран партиски вработувања и ништо повеќе. Наместо стратегија за отворање нови работни места и поддршка за младите, на долгорочно невработените, власта спроведува нова серија партиски вработувања по список.
Државните институции на ангро се полнат со роднини на функционерите на ВМРО ДПМНЕ. Единствен критериум за некој да добие вработување е фамилијарните и партиските врски, ништо друго. И затоа младите и способни луѓе ја напуштат земјата.
Младите не веруваат на ПР обланди и затоа се иселуваат, а граѓаните препознаваат дека зад секој наводен конкурс се крие веќе определено име со партиска книшка од ВМРО-ДПМНЕ, стои во реакцијата од опозициската партија.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар