Опозицијата со интерпелации за Николовски и Маричиќ поради лошата борба со корупцијата
Интерпелации за вицепремиерот за борба против корупцијата Николовски и за правда Маричиќ поднесува опозициската ВМРО-ДПМНЕ во парламентот. Причината за интерпелациите е последниот извештај на Транспаренси во која Македонија се најде на најниска позиција досега – 111 место во светот, најлоша во Европа, но и поради случајот јавна соба и протестите за „Монструм“.
Според опозицијата, доколку власта навистина сака да покаже дека го почитува извештајот на Транспаренси, најдобро е Николовски и Маричиќ сами да си поднесат оставка.
Од власта пак, возвраќаат дека двајцата министри ја имаат поддршката од парламентарното мнозинство и главно се задоволни од нивната работа и реформи кои ги спроведуваат. Интерпелациите велат се механизам на опозицијата.
Ова е трета интерпелација на министри од владата на Заев во овој парламентарен состав. Веќе во среда пратениците цел ден ќе дебатираат по интерпелацијата на вицeпремиерот за евроинтеграции Димитров поради ветото на Софија на преговорите за членство на Македонија во ЕУ.
Според Деловникот, по поднесувањето на интерпелацијата повиканите министри ќе имаат право на писмен одговор во рок од 15 дена. По овој рок, не зависно дали министрите одговориле или не, собранискиот спикер е должен да ја постави интерпелацијата на дневен ред на првата наредна седница. Дебатата трае еден ден, а за да биде потврдена интерпелацијата потребни се 61 глас.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
