Македонија
20. September 2026 - 17:58

Речиси 70.000 денари се потребни за да се „истурка“ септември, пресмета ССМ

Речиси 70 илјади денари му се потребни на четиричлено семејство за да ги покрие најосновните трошоци во септември, пресмета ССМ. За еден месец животот поскапел за над 750 денари, а за една година – повеќе од 4 илјади. 

„Во март платата се покачи за 1.600 денари, а за една година, од периодот на едно покачување до друго, ние веќе имаме за 4.355 зголемување. Тоа значи дека во трошоците за живот на едно четиричлено семејство веќе му фалат за една година околу 3.000 денари“, вели Љупчо Радевски од ССМ.

Ако семејството нема свој дом и плаќа кирија, потребни се речиси 85 илјади денари.

Најмногу се троши за храна и пијалоци. Месецов за тоа се потребни над 25 илјади денари, а споредено со лани 2 илјади денари повеќе. 

Сè поскап е и превозот поради повисоките цени на дизелот и бензините. За една година транспортот пораснал за околу 700 денари. Тоа се пари кои секојдневно одат за гориво и автобуски билети, особено за оние кои патуваат до работа, училиште и факултет.

„Владата презема конкретно некои мерки, но тоа е многу малку во однос на она што значи потребите на граѓаните. Еве само земете ако треба да патувате од Тетово до Скопје, автобуската карта е 250 денари. Значи 500 денари е во двата правци. За Велес е исто така. Да е платата поголема, тогаш не би ги ни забележувале тие 3, 4, 5%..Значи мора да се земат конкретни мерки со коишто би се подобрил стандардот на граѓаните“, изјави Радевски. 

За да се ублажи ценовниот притисок, Владата ја намали акцизата за бензините и дизелот, а неделава го спушти и ДДВ-то на дизелот од 18 на 10%. Мерки кај прехранбените производи засега нема.
Лидерот на СДСМ, Филипче, повика власта да го поддржи предлогот за минималец од 600 евра. 

„Тоа е најмалку што власта може да го направи за луѓето чиј единствен приход е минималната плата. Истовремено, потребно е да им се помогне на компаниите и приватните бизниси, за зголемувањето да не претставува дополнителен товар за нив. Затоа предлагаме субвенционирање на придонесите за делот од зголемувањето на платите. Во Македонија стана невозможно да се живее поради огромниот раст на трошоците и катастрофалното управување со економијата од страна на Владата на Христијан Мицкоски“, истакна Филипче.

Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија – „Каде е Венко Филипче да се јави кога трошоците за живот се намалуваат или во најмала рака остануваат исти, ама штом види раст, ете го, веднаш се јавува. А во однос на потрошувачката кошница која ја изработиле Трендафилов и ССМ, му порачуваме дека не им држи вода, затоа што владината просечна кошничка е за 10% поевтина.Тоа што останува да им порачаме на СДС, Филипче и неговите другари, колку сака може да им смета развојот и да ликуваат на неуспех на државата, Македонија ќе се развива, во Македонија ќе доаѓаат инвестиции, економијата ќе расте и граѓаните подобро ќе живеат“.