Трагедија во Богданци, две лица пронајдени мртви, едното во опожарен автомобил
Девојката чие тело беше пронајдено во опожарен автомобил во Богданци имала 17 години, а момчето пронајдено мртво во близина на возилото имало 21 година. Првичните индиции од истрагата упатуваат на убиство и самоубиство. Според непотврдени информации до кои дојде Сител, момчето си го одзело животот со бесење. Околностите под кои починала девојката засега не се познати, а се очекуваат резултатите од обдукцијата и вештачењата.
Настанот бил пријавен вчера околу 18:40 часот.
Од Основното јавно обвинителство Гевгелија информираат дека јавен обвинител извршил увид на местото на настанот и издал повеќе наредби за обезбедување докази. Наредена е обдукција на телата на починатите, а обезбедени се и снимки од видео надзор. Првичните индиции упатуваат на убиство и самоубиство, но околностите ќе бидат целосно испитани, велат од обвинителството.
Според информациите до кои дојде Сител, девојката и претходно била изложена на насилство од страна на момчето. Кон крајот на септември таа го пријавила во полиција, наведувајќи дека била физички нападната во неговиот дом, по што тој бил приведен. Дека имало пријави потврдија и од Основното јавно обвинителство Гевгелија.
Оттаму информираат дека на 16 октомври била поднесена пријава за загрозување на сигурноста, по која веднаш започнало постапување. Во меѓувреме, во граѓанска постапка, на лицето му биле определени и мерки за заштита од семејно насилство.
-

Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар
