Опозициски прашања во Собранието
Каде е вицепремиерот Арбен Фетаи? Опозицијата на пратенички прашања го бараше Фетаи за да одговори колку работни денови имал во последните шест месеци. Но и да одговори кој ги плаќа неговите патувања и активности во Тајланд.
-Не е тука да одговори пред пратениците, не е тука да одговори пред македонската јавност. Не е тука да објасни како е можно еден функционер којшто е задолжен за отчетност и одговорност самиот да стане симбол на неработење, неодговорност, непочитување на законите, непочитување на граѓаните и непочитување на државата. Обичниот граѓанин ако не се појави на работно место ќе добие отказ. Административецот ако направи и најмала грешка ќе биде санкциониран, рече пратеничката Даниела Николова, од СДСМ.
Заменик-претседателот на Собранието, Антонијо Милошоски рече дека Фетаи не го известил Собранието дека денеска нема да се појави во Пленарната сала.
-Министерот за кого споменавте, г-динот Фетаи нема пратено известување дали би учествувал или не би учествувал на оваа седница, рече Милошоски.
Пратениците дебатираа и за врсничкото насилство во училиштата, но и семејното насилство. Сања Лукаревска од СДСМ побара институционална одговорност за непостапување по пријава.
Замник министерот за образование, вели, казните за родителите на децата насилници и те како ќе го намали насилството во училиштата.
Лукаревска прашуваше и за гужвите на границите со соседите членки на Европска Унија. Министерот Муцунски вели дека на секоја досегашна дипломатска средба ова прашање било покренато, но Европска Унија мора да донесе одлука за целата Унија и ниту една држава не може да даде повластувања за граѓани на одредена земја којашто не е членка.
Одговарајќи на друго прашање поврзано со евроинтеграцијата на Македонија, Муцунски кажа дека побарал средба со неговата нова бугарска колешка до крајот на неделава.
За одговарање на прашања од опозицијата предвидени се само два часа. Оние кои не успеаја денеска да ги постават прашањата ќе имаат можност тоа да го сторат на последниот четврток од месецов кој е резервиран за пратенички прашања до претставниците на Владата.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
