Оризарите пред нова сеидба со старите проблеми
Пред почетокот на новата сеидбена сезона, оризарите со старите проблеми. И годинава изостана чистењето на каналите за наводнување, посебно на главните водоводни артерии на хидромелиоративниот систем „Брегалница“, кој со вода ги снабдува оризовите насади во Кочанско поле.
- Во месноста на селата Бање, Спанчево и Соколарци, се соочуваме со проблем на одредени површини, бидејќи немаме исчистени канали на време и не можеме да влеземе да ги обработиме површините. Водите не се повлекуваат, каналите веќе 2 години таму не се исчистени и мислам дека ќе има задоцнета сеидба поради тоа и ќе имаме и слаб квалитет и квантитет на оризовата арпа, изјави Стојче Ташовски, оризопроизводител од Чешиново-Облешево.
Овој пат вината не ја бараат во подружницата на АД Водостопанство, „Брегалница“ од Кочани, зашто и самите тие се во незавидна позиција, без исправна механизација и со демотивирани работници.
- Гледам дека кај нив ситуацијата е отежната, долго време имаат проблеми со плати и немаат навремена исплата на бенефиции и стаж и тие не можат самите да го решат проблемот. Затоа е потребно од Скопје (централата) да интервенираат и да излезат на терен и да им помогнат со финансиски средства и доколку е потребно и со машини и да ги исчистиме каналите за да можеме да ги обработиме оризовите површини, додаде Ташовски.
Чистењето на каналите мора да биде завршено до крајот на месец февруари, следните два месеци оризарите ги подготвуваат површините, а сеидбата да биде кон крајот на април и почетокот на мај.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар