Македонија
17. July 2025 - 16:31

Осомничената очна докторка од Битола барала 100 евра за да направи операција на перде на пациентка од Ресен

МВР поднесе кривична пријава, а обвинителството поведе постапка против 67 –годишната докторка - офталмолог во Битолската клиничка болница, која се сомничи дека побарала и земала 100 евра мито од сопруг на пациентка од Ресен на која требало да и направи операција за отстранување на катаракта.

- На 16 јули, таа го повикала пријавителот на одделението за офталмологија во болницата за да ги земе парите и да закажат операцијa. Тој и дал една банкнота од 100 евра која претходно била обележана, па веднаш откако осомничената ги примила парите полициски службеници извршиле претрес и кај неа ги пронашле парите, соопшти јавното обвинителство кое бара од судот да и определи на осомничената докторка куќен притвор.

Од Клиничката болница Битола изразија сериозна загриженост што за половина година втор пат доктор од кај нив е осомничен за земање мито од пациент.

- Ги охрабруваме истражните органи од СВР Битола и ОЈО Битола да постапат транспарентно и законито и во овој случај. Како раководство на Клиничка болница Битола сме згрозени и се оградуваме од постапката на осомничената лекарка. Стоиме на располагање на истражните органи да ја обелоденат вистината и единствено прифаќаме законита, транспарентна и неселективна постапка, информираа од Клиничка Битола.

Загриженост и осуда за незаконското и неетичко постапување на здравствен работник стигна и од Лекарската комора, од каде посочуваат дека ваквите девијантни појави го нарушуваат принципот на чесност и доверба меѓу пациентите и лекарите. И комората ги подржува институциите во расчистување на овој случај.

- Сакаме да нагласиме и дека се работи за индивидуален чин кој не ја одразува посветеноста и професионалноста на најголемиот број лекари во нашата земја кои секојдневно со пожртвуваност и етички пристап се грижат за здравјето на граѓаните, некогаш работејќи и во предизвикувачки услови. Исто така, апелираме да се почитува начелото на презумпција на невиност, сè додека не се донесе правосилна судска одлука, бараат од Лекарската комора.

Осомничената докторка за мито која е пред пензија е суспендирана од работа во болницата додека трае истрагата.