Остри реакции и оградувања на коалиционите партнери во Бугарија по изјавата на Трифонов
Остри реакции пристигнаа од коалиционите партнери за ставовите на Слави Трифонов во однос на стартот за преговори на Македонија и ЕУ. Тие се оградија од Трифонов кој го поврза процесот за отпочнување преговори со укинувањето на визите за влез на бугарските граѓани во САД и прием на Бугарија во Шенген зоната.
Координаторот на пратеничката група на партијата Промената продолжува, во бугарското собрание Андреј Ѓуров потенцира дека Бугарија има јасен став за односите со Македонија и смета дека работите што ги споменува Трифонов не треба да се поврзуваат со ова прашање.
Укинувањето на визите нема никаква врска со прием на Македонија во ЕУ смета копретседателот на Демократска Бугарија Атанас Атанасов.
Токму новата шефица на бугарската дипломатија Теодора Генчовска која доаѓа од редовите на партијата на Слави Трифонов, до сега не се произнесе по условите кои постави лидерот. Во меѓувреме советникот за надворешна политика на новиот бугарски премиер Весела Чернева, според бугарските медиуми веќе била во Скопје да ги договара темите на разговор за посетата на Петков на Македонија, веднаш по изгласувањето на новата македонска Влада.
-

Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
