Македонија
24. September 2025 - 16:37

Отишле да се сместат во дом, чекале ред повеќе од 12 часа – студентите бараат дигитализација на процесот на сместување во студентските домови

Отишле да се сместат во дом, чекале ред повеќе од 12 часа на високите температури. Студентите се револтирани поради големите гужви на кои наишле месецов додека се вселувале во студентските домови.

Освен долгите редици, постојат и коруптивни практики за тоа кој да добие поубава соба, тврдат од Универзитетското студентско собрание. Поради ваквите лоши состојби, до МОН испратија иницијатива за целосна дигитализација на процесот за следната академска година. Надоградување на веќе постоечкиот портал за е-услуги, но со нов модел.

- По објавување на списокот на примените студенти во конкретен студентски дом, секој студент преку својот профил ќе може електронски да испрати покана до идниот цимер (кој мора да биде примен во истиот дом). Второто лице ја прима поканата по електронска пошта и ја потврдува или одбива преку својот профил. По потврдата, алгоритам автоматски им доделува соба од типот што првично го избрал студентот кој ја испратил поканата; доколку таква соба не е достапна, системот доделува прва слободна соодветна соба, изјави Ангела Василевска, претседателка на Комисијата за дигитализација при УСС УКИМ.

На крај се објавува финален список на соби и станари, со точно определени термини за вселување со што во пракса би се избегнале гужви и хаотични сцени при приемот.

- Со ова бараме воведување на дигитализирано решение кое ќе обезбеди правичност, транспарентност и ефикасност при распоредувањето на соби и цимери, како и достоинствен третман на студентите при нивното вселување, изјави Стефанија Милеска, претседателка на Комисија за студентски стандард при УСС-УКИМ.

Дали образовните власти ќе го прифатат овој предлог за дигитализација, допрва ќе се одлучува.