Откако Израел прогласи „тактичка пауза“, пристигнаа 100 камиони со помош во Газа
Израелската армија започна со т.н. „тактичка пауза“ во воените дејствија во неколку делови од Појасот Газа, по што денеска, по првпат по неколку месеци, беа испратени големи количества хуманитарна помош во опколената и уништена област.
Конвој од околу 100 камиони со храна и лекови ја преминаа граничната точка Керем Шалом и влегоа во Газа, јавуваат палестински извори.
Израелската армија претходно соопшти дека ќе воведе секојдневна „тактичка пауза на воени активности за хуманитарни цели“ од 10:00 до 20:00 часот по локално време, до понатамошно известување. Паузата важи за регионите ал-Маваси (југозапад), Деир ал-Балах (центар) и Газа Сити (север) – зони каде моментално не се водат израелски операции.
И покрај тоа што ал-Маваси претходно беше означен како „хуманитарна зона“, израелската армија таму има изведено неколку напади со смртни последици. Во Деир ал-Балах се наоѓа централното складиште на СЗО, кое беше оштетено при влезот на израелските копнени сили.
Израелската армија соопшти и дека хуманитарните коридори ќе бидат отворени секој ден од 06:00 до 23:00 часот за непречено доставување на помош.
Координаторот на ОН за хуманитарна помош, Том Флечер, ја поздрави мерката, велејќи дека тимовите на терен ќе се обидат да стигнат до што е можно повеќе гладни луѓе во тој временски прозорец.
Израел се соочува со растечки меѓународен притисок поради ограничувањата во доставата на хуманитарна помош. Од прекинот на примирјето во март, во Газа стигнува само ограничена помош.
Израел ги отфрла овие тврдења, опишувајќи ги како „пропагандна кампања“ на Хамас.
Израелската армија соопшти дека во текот на ноќта биле испуштени седум палети со брашно, шеќер и конзервирана храна, што е првпат Израел директно да достави помош од воздух од почетокот на војната. Претходно тоа го правеа само други земји.
Ново на Сител
-
Во Стокхолм ќе се одржи нов круг разговори меѓу САД и Кина за трговскиот спор околу царините
-
Стармер ќе разговара со Трамп за прекин на огнот во Газа и тарифите за британскиот челик
-
Италија победник на Лигата на нации во одбојка за жени
-
Отпечаток од рака стар 4.000 години пронајден на египетски глинен сад
-
Северна Кореја ја одбива понудата за дијалог со Јужна Кореја
-
Тројца загинати, десетици повредени во вчерашната железничка несреќа во југозападна Германија
-
Предупредување до сопствениците на „Андроид“ за апликациите што преземаат чувствителни податоци
-
Фон дер Лајен: Со САД постигнавме договор што обезбедува стабилност и предвидливост за двете страни на Атлантикот