Македонија
22. September 2025 - 16:37

Откажа единствениот функционален радар на Скопскиот аеродром, М-НАВ вели тоа нема безбедносно влијание

Откажа единствениот радар кој бил во функција на Скопскиот аеродром. Поради дефектот, нема можност повеќе авиони да слетуваат истовремено, туку еден по еден. Од Македонска навигација велат дека ова нема безбедносно влијание врз одвивањето на авиосообраќајот. Директорот на М-НАВ, Владимир Ристески, не даде изјава за Сител. Откако побаравме негов став, рече дека дале информација преку државната агенција МИА.

„Стапено е директно во контакт со производителот и дозволен е онлајн пристап до уредот за да се направи дијагностика од производителот и да дадат предлози и поддршка за решавање на проблемот. Ваквите технички дефекти од електронска природа се нормални појави во авијација и кога се случуваат има предвидено соодветни безбедносни процедури во работата со цел да се продолжи со давање на услуги кон авио-компаниите во такви околности. М-НАВ ги применува токму тие процедури и во моментов нема никакво безбедносно влијание врз одвивањето на воздушниот сообраќај на Скопскиот аеродром. Единствена промена е регулацијата на бројот на авиони кои можат да се опслужат на еден час. Овие регулации ќе останат во сила се до отстранување на дефектот на радарската глава“, стои во изјавата за МИА.

Во меѓувреме, СДСМ прашува - кој ќе ја преземе одговорноста за расипаниот радар? 

„Ова не е само технички дефект, ова е последица на насилното вдомување на партиски кадри во една од најважните институции за безбедноста на сите нас. Наместо професионалци, таму се вработуваат луѓе по партиска линија и јасно е дека срга ќе гледаме хаос и импровизација. И македонското небото е под ризик од партизацијата која ја спроведува ВМРО-ДПМНЕ секој ден. Власта беше глува на сите предупредувањата на контролорите дека клучната опрема, вклучително и радарите и софтверот, е на работ на функционалноста“ – Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ

Каква врска имаат партиите со тоа што се расипал радар, што може да се случи на било кој аеродром во светот - реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.

„Што се однесува за партизираноста на МНАВ само да потсетиме дека каубојците од ДУИ се тепаа на работно место, а пајташите на СДС вработија 70 партиски војници во оваа институција. Затоа на ваквото ширење на паника од СДС гледаме како сценарио за кревање на паника слично на палењето на депониите во Скопје од кое што ќар имаат само СДС за да ја покријат безидејноста и неспособноста“, стои во нивната реакција.

Во изминатите неколку години М-НАВ го тресеа повеќе скандали, но и насилен упад лани во јануари кога контролор на летање беше физички нападнат. Инцидентот резултираше со условна пресуда за седум лица и разрешени директори.