Македонија
21. December 2025 - 16:29

Откажани 20 летови на скопскиот аеродром поради густа магла, расчистување и снег од вторник

Густата магла направи проблеми и на скопскиот аеродром. Поради намалена видливост oд полноќ до 12 часот на пладне откажани се 20 летови, а еден е пренасочен.

Меѓународниот аеродром Скопје не е затворен без разлика на временските прилики.

-Согласно временската прогноза која ни стигнува од Метео-службата на М-НАВ, намалена видливост се очекува и во преостанатиот дел од денов, како и во текот на утрешниот ден. Сепак, со оглед на тоа што временските услови се менуваат постојано и секоја авиокомпанија има свој праг на толеранција на намалена видливост, апелираме до сите патници да ги следат информациите и насоките за нивните летови кои ги добиваат од нивната авиокомпанија, велат од ТАВ Македонија.  

Ниеден од шесте авиони на „Визер“ кои се стационирани во базата во Скопје вчера не успеал да слета дома. Пренасочени биле на аеродромите во Приштина, Софија, Тирана, Солун и Охрид.

Поради маглата вчера на Меѓународниот аеродром Скопје слетале и полетале само по три авиони. Видливоста паѓаше на помалу од 100 метри.

Но, освен патниците, трпи и бизнисот.

-Дадено доцнење на пратка којашто доаѓа до соодветна компанија којашто има производен процес кој зависи од таа пратка, воедно значи и понатамошно, во ланецот на снадбување, доцнење на производството на тој, дали е елемент, дали е машина, од било каков аспект. Со други зборови, директно значи на самиот производен процес тоа доцнење. Се трпат економски штети – изјави претседателот на ССК, Горан Георгиевски.

Според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи, магла ќе има до вторник кога кон крајот на денот се очекува дожд. Во наредните денови поради спуштање на постуден воздух од север, на некои од повиоските места врнежите ќе преминуваат во снег.