Отворени 54-те Мајски оперски вечери

Со традиционалното палење на фестивалскиот оган, кој годинава го запали сопранистката со меѓународна кариера Ана Дурловски, синоќа беше отворено 54-то издание на манифестацијата „Мајски оперски вечери“.
Фестивалот беше отворен со премиери на две оперски претстави од Џакомо Пучини - „Сестра Анџелика“ и „Џани Скики“, што е првпат две претстави да бидат изведени на почетокот на фестивалот.
-Овој фестивал повеќе од пет децении е симбол на врвната уметност, културната традиција и љубовта кон операта, а фестивалскиот оган годинава го запали нашата врвна сопранистка со меѓународна кариера, Ана Дурловски. Нека музиката, уметноста и сценската магија и оваа година бидат мост што нè обединува и инспирира, објави на својот Фејсбук профил министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
Годинава МОВ е во знакот на дела од Џакомо Пучини и од Џузепе Верди. На програмата се уште две дела од Пучини: „Тоска“ (16 мај) и „Мадам Батерфлај“ (20 мај). Вердиеви опери годинава на МОВ се „Риголето“ (13 мај), „Травијата“ (27 мај) и „Набуко“ – со која на 31 мај ќе биде затворен фестивалот. На програмата е и балетот „Лебедово езеро“ од Петар Илич Чајовски, кој ќе биде изведен на 22 мај.
Во двете опери за отворањето на МОВ гостуваа уметници од Италија. Пјер Франческо Маестрини е режисер и Џанлука Мартиненги – диригент на двете претстави. Во операта „Сестра Анџелика“ насловната улога ја игра Валентина Бои, исто така од Италија. Во екипата се домашни солисти, хорот и оркестарот на НОБ. Дејството се одвива во осамен манастир во Италија, кон крајот на 17 век, каде што калуѓерката Анџелика седум години тивко страда за искупување на сторениот грев.
Италијанскиот оперски пејач Роберто Де Кандија, го играше насловниот лик во операта „Џани Скики“, настапувајќи заедно со екипата од НОБ и оркестарот. Инспирацијата за ова оперско дело е од епизода од „Пеколот“ на Данте Алигиери. Приказната е сместена во Фиренца, во 1299 година, во екот на културната експанзија која градот ќе го направи најбогат во Европа и на светот ќе му ги донесе хуманизмот и ренесансата.
-Оваа година подготвивме репертоар што внимателно ја спојува традицијата со новата енергија. Секоја од претставите на програмата носи различна емоција и заедно создаваат едно целосно искуство што посакуваме публиката да го памети. „Мајките оперски вечери“ се и огледало на институцијата, кое покажува колку сме подготвени да работиме посветено, да поставуваме стандарди и да создаваме продукција што може достоинствено да стои рамо до рамо со европските сцени, истакна Арсовски.
МИА
Ново на Сител
-

Ослободителна пресуда за екс премиерот Никола Груевски за случајот со изградбата на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ
-

Условна казна затвор од една година доби екс претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска
-

ДНК на судијата Ристов пронајдена на фолијата со 350 илајди евра
-

Партиите без компромис, Изборниот законик останува заглавен
-

Регионализација и дигитализација во здравството приритет и за Клековски - новите министри ги презедоа функциите
-

Долгови, неисправни камиони и спорни исплати: Што откри државната ревизија во „Комунална хигиена“
-

Костадиновски: Протестите за улиците во Тетово се протести против владеењето на правото
-

Преглед на вестите од светот
