Пациентите на Васев кај други онколози
Пациентите на осомничениот Нино Васев прераспределени кај други онколози кои третирааат рак на дојка. На Онкологија уште вчера го добиле известувањето од Обвинителството дека за поранешниот медицински директор има мерка за оддалечување од работното место на Клиниката. Директорката на установата вели нема да трпат пациентите и истрагата на обвинителството нема да влијае на нивниот третманот. Меѓутоа, според сведочења на болни кај еден лекар има и по стотина пациенти дневно што не гарантира за услугата што ја добиваат.
-Сигурно дека со голем квантитет се губи делумно и квалитетот во работењето, но со идеја никого да не вратиме се обидуваме и покрај тој огромен квантитет, квалитетно колку може да ја одработиме нашата задача. Се очекуваат согласности за вработување со кои што ќе се почне да се надоместува недостатокот на кадар, вели д-р Виолета Клисаровска, директор на Клиника за Онкологија.
Чекање со саати во болничките ходници за преглед кај онколог, гужви, немање термини за дијагностички процедури...овие проблеми беа посочени пред 5 месеци кога изби скандалот на Онкологија. Но истите останаа и сега со отворањето на истрага за поранешни директори на клиниката и уште тројца онколози осомничени за помагање во кривичното дело.
Пациентите револтирано реагираат дека постапката на обвинителството не ги решава нивните маки и за повеќето од нив ова е само предизборен маркетинг.
На социјалните мрежи има бројни коментари од здравствени работници дека со овој случај не треба да се плука по сите што носат бел мантил.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар