Македонија
30. December 2022 - 16:36

Пациентите со цистична фиброза чекаат одговор од државата, ако нема решение најавуваат голем протест

Пациентите со Цистична фиброза и последниот работен ден годинава го поминаа во исчекување дали државата ќе им ја обезбеди потребната терапија? Празниците ќе ги поминат во неизвесност, со единствена желба во Новата година да го добијат лекот со кој како што велат нема да мораат со месеци да поминуваат во болнички соби и да имаат поквалитетен живот. После протестот пред министерството за здравство добиле мала надеж дека почнало да се бара решение за набавка на новата модуларна терапија.

Се уште немаме никаков одговор официјален од институциите, сега за сега е огромен плус целата подршка што ја добиваме од народот и медиумите. Неофицијално имаме нови моменти дека се бара решение, изјави Фики Гаспар, пациент и претседател на Асоцијацијата за Цистична фиброза.

Од министерството за здравство без конкретен одговор на прашањето на Сител, дали и кога ќе обезбедат современа терапија за пациентите со Цистична фиброза. Од таму информираат дека бараат решение заедно со Фондот, министерството за финансии и Владата.

  • Заеднички се разгледуваат можностите со ФЗО и други надлежни институции, со цел изнаоѓање решение, согласно законските и финансиските можности, одговорија од здравство.

По протестот во понеделникот од Асоцијацијата за цистична фиброза за после празниците најавија нов поголем протест пред Владата доколку не добијат конкретно ветување од надлежните дека ќе го обезбедат лекот кој живот им значи!.