Македонија
21. February 2026 - 16:41

Паневропска Унија: Сите земји треба да имаат полноправно членство на ЕУ, не држави без право на глас

Не е добар пристап Европската унија да се прошири со држави без право на глас, туку сите кандидати кои ги исполнуваат критериумите треба да имаат полноправно членство, ова е ставот на Мегународната паневропска унија. Прашањето за проширувањето на унијата со вакво сценарио се актуелизира за Украина, но и за кандидатите од Западен Балкан вклучително  и Македонија,  кои ако станат дел од ЕУ, со спортски речник би играле во “втора или трета лига”.

- Ние не сметаме дека е добро да постојат земји со различни статуси и не може да се компензира со никакви регионални облици на соработка или со некакво пониско право на одредени земји. Сите треба да добијат полноправно членство, а одредени спорни прашања кои постојат тие се решаваат како може во една заедница да се решат, изјави Паво Баришиќ, претседател на Меѓународната Паневропска унија.

Претседателот на Паневропската унија на Македонија вели дека дебатата за проширување на ЕУ со држави без право на глас тлее одамна, а сега повторно добива на значење и е придвижено поради кризата во Украина, но според Лепавцов се уште нема никаков документ и ништо не е официјално .

- Не сме на ставот дека можеме да бидеме членки на ЕУ, дека можеме да бидеме членови на 2 или 3 ешалон. Јас ова џабе го зборам кога и другата страна односно ЕУ нема одлука. Тоа се тековни дискусии, ништо официјално од тоа, се базира само на желби и изјави на одредени центри во Европа. Нешто што се уште не е ставено на хартија, изјави Андреј Лепавцов, претседател на Паневропската унија на Македонија.

Претседателот пак на Европската иницијатива за стабилност смета дека е невозможно Македонија да стане дел од ЕУ во 2027 година.

- Има можност и итна потреба да се презентира предлог за проширувањер што би можел навистина да функционира, не може да станете дел од ЕУ во 2027 година во никој случај, но она што може да се направи оваа година Европскиот совет да донесе одлука да донесе одлука дека ќе ја подготви ЕУ да го прифати секој кандидат што ги има исполнето критериумите од 2028 година или барем со гаранција за влез во Шенген зоната или единствениот пазар, рече Гералд Кнаус, Претседател на Европската иницијатива за стабилност.

Токму Европската иднина на Западен Балкан: Политичка интеграција, регионална соработка и економска отпорност во време на глобални предизвици беше темата на Меѓународната конференција во Скопје организирана од  Паневропската Унија на Македонија.