„Панини“ и „Рокстар“ ги здружија силите – љубителите на ГТА VI ќе можат да собираат сликички

„Панини Америка“, подружница на „Панини груп” (Panini Group) – најголемиот светски производител на спортски и забавни колекционерски предмети – објави ново партнерство со „Рокстар гејмс“, креаторите на серијалот „Гранд тефт ауто” (ГТА) и „ГТА VI” (Grand Theft Auto VI), наслов што претставува најголемото лансирање во светот на забавата на сите времиња. Според соопштението од „Панини“, оваа револуционерна видеоигра го пренесува светот на „ГТА VI” во реалноста преку официјално лиценцирани колекционерски картички на „Панини Америка“, чиешто излегување е закажано за декември.
Колекцијата сликички за размена „ГТА VI” содржи верзии на истите оние колекционерски картички т.е. слики што се појавуваат во самиот свет на „ГТА VI”. Љубителите на серијалот „ГТА” во секоја кутија (којашто содржи четири пакувања) ќе најдат, во просек, две тн. „Руки“ (почетнички) сликички, една „Ретро“ слика, една илустрирана и четири специјални „Силвер“ (сребрени) слики. Колекцијата „ГТА VI” вклучува и ретки, нумерирани картички, како и верзии во различни бои – розова, тиркизна и светлосина – заедно со „легендарно бронзените“ (нумерирани до 49 примероци), сребрените (нумерирани до 25) и ексклузивни „Голд“ златни картички, од кои постои само еден единствен примерок („1 од 1“).
Компанијата „Панини“ е основана пред повеќе од 60 години во Модена, Италија, а денес има свои ограноци низ Европа, Латинска Америка и САД. Брендот е предводник во светот, во областа на официјално лиценцирани колекционерски производи и најистакнат издавач на такви производи во САД. Компанијата поседува официјални лиценци за ВНБА, ВНБАПА, НАСЦАР, ФИФА, НВСЛ, НВСЛПА, „Анрајвалд“, „ЛИВ голф“, Професионалната борачка лига, разни универзитетски спортски програми, како и за „Дизни“, покрај многу други големи брендови. „Панини“ управува со дистрибутивни мрежи во над 150 земји и вработува повеќе од 1.200 луѓе.
Најновата, шеста видеоигра од популарниот серијал „ГТА” почна да се дистрибуира ширум светот во четвртокот, 19 ноември, ставајќи крај на 13-годишното чекање за љубителите на оваа приказна. Според издавачот „Тејк-2 интерактив” (Take-Two Interactive), играта остварила приход од 3,79 милијарди долари во првите 24 часа од нејзиното излегување, со што ги урна постоечките рекорди во индустријата за забава.
Дејството на “ГТА VI” се одвива во измислената американска држава „Леонида“ – инспирирана од Флорида, и е фокусирано на градот „Вајс Сити“ – обмислен според Мајами. Во почетната фаза, ова ново продолжение од серијалот „ГТА” е достапно за конзолите „Плејстејшн 5″ (вклучувајќи го и моделот „Про”), како и за „Икс-бокс“ сериите „Икс” и „С”.
МИА
Ново на Сител
-

„Matto Napoletano“ во трка за најдобра пицерија во светот – еве како да ја поддржите
-

„Панини“ и „Рокстар“ ги здружија силите – љубителите на ГТА VI ќе можат да собираат сликички
-

Фирмите со сметки во Алта банка од денеска неограничено ќе располагаат со новите приливи
-

Шефот на „Енвидија“ се врати на функцијата, им се извини на вработените и откри дека оди на терапија
-

Најстудено утрово во Берово, -11 степени, температури под нула насекаде во државата
-

Лукашенко му нуди на Зеленски заедничко патување во Москва: „Ќе седам до него како гарант за безбедност“
-

Таткото на Меган Маркл официјално обвинет за поседување материјали со сексуална злоупотреба на деца
-

Голема полициска акција во БиХ: Приведени поранешна пратеничка и воен командант
