Македонија
23. September 2025 - 21:14

Партиски препукувања за реформите во правосудството согласно планот за раст

Недозволиво е премиерот да се однесува како независен аналитичар за состојбите во правосудството, му порача опозицискиот лидер Филипче на Мицкоски. Тој го обвини премирот за неспроведување на правните реформи согласно Планот за раст.

„За оваа година беа предвидени 12 закони од коишто седум требаше да се донесат до јуни 2025 година. Во Собранието не е поднесен ниту еден, и дополнителни 5 кои од јуни до декември 2025 година требаше да се донесат согласно Планот за раст - нешто за што е врзан одреден буџет од Европската Унија, којшто секако веќе еден дел сме изгубиле. Од тие 5 закони од Министерството за правда не е донесен ниту еден“, изјави Венко Филипче, претседател на СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак испратија порака дека ако до Нова години немало чекори за борба против корупцијата, ќе тргнеле во акција за коренити промени во правосудството.

„Секоја пријава на МВР или докази или допрен глас и укажување од Владата или јавноста за криминал на луѓе од СДС и ДУИ завршуваат без епилог, во нечија фиока или затворени се како случаи. Но, имаме една порака. Ако до Нова година не се смени ова и нема чекори за борба против корупцијата за еклатантни примери на криминал на разни политичко мафијашки групации во земјава, ние ќе објавиме и тргнеме во одлучна акција и чекори кои тоа ќе го променат од корен. Доаѓаат тешки моменти за корумпираните судии, обвинители, и политичари и бандити“, стои во реакцијата на владејачката партија.

Од Независниот синдикат на судска служба исто така реагираат дека е неопходно носењето на Законот за судска служба, бидејќи како што велат оттаму административците земаат минимална плата, а еден административец работи со четири или пет судии.