Македонија
28. јуни 2025 - 16:32

Пазарниот инспекторат констатирал зголемување на цените во маркетите, но не биле повисоки од пред замрзнувањето

Во мај и јуни маркетите повторно ги зголемиле цените, но не биле повисоки од тие на 1 февруари пред Владата да ги замрзне маржите на над 1000 производи, констатирал Пазарниот инспекторат во контролите по завршување на мерките. Повторно поскапување е забележано на основните продукти лебот, млекото и јајцата... повисоки цени имаат и средствата за хигиена.

- Има одредени зголемувања од три до пет проценти кај производите со најголем обрт, додека кај оние со помал обрт како производи за лична хигиена, бебешка храна, пелени се движат од 10 до 20 проценти. Забележани се намалувања од 20 до 100 проценти кај зеленчукот и овошјето, рече Влатко Стојкоски, директор на Државниот пазарен инспекторат.

Директорот на ДПИ рече дека во големопродажба и кај дистрибутерите цените се вратени на ниво како пред одлуката за ограничување на маржите и замрзнување на цените која заврши  на 30 април. 

- Анализата од ДПИ пред 10-тина дена е доставена до Министерството за економија и труд и таа се темели на извршена контрола направена кај трговците на мало и трговците на големо со која биле опфатени повеќе од 100 субјекти или над 1000 продажни места, изјави Стојкоски.  

Покрај во трговијата, првиот човек на Пазарен рече дека по задолженија на Владата за 3 месеци инспекторите извршиле 1713 надзори во угостителски објекти. 60 биле времено затворени, а дури кај 700 –тини биле констатирани неправилности во работењето меѓу кои немање лиценци за работа, не исполнување на минимално технички услови, но и пречекорување на работното време.