Педијатрите поддржуваат вакцинација на децата од училишна возраст
Со педијатриските вакцини против Ковид треба да се заштитат децата на школска возраст и оние со хронични заболувања, смета педијатарот Светлана Смугреска, по најавата дека државата ќе набави 10.000 вакцини од Фајзер за деца од 5 до 12 години.
- Школските деца се позасегнати со Ковид, отколку малите деца што се во домашни услови па дури и во градинка, тие не боледуваат толку од Ковид, можеби од редовните вакцини кои ги примаат имаат имунолошки кренат систем, но за нив овој период карактеристични се други вирусни инфекции, додека Ковидот е почест кај деца на 7 годишна возраст и поголеми. Би требало да се вакцинираат децата со хронични заболувања, имаме деца со астма, со ревматоидни заболувања, со дијабетес, со мускулни дистрофии, изјави д-р Светлана Смугреска, педијатар.
Инаку педијатриските вакцини против Ковид содржат помали дози, односно една третина од оние за возрасните. Дозвола за употреба имаат добиено и од Американската и од Европската агенција за лекови. Од македонскиот Комитет за имунизација велат додека да стигнат вакцините на пролет ќе ги следат препораките и искуствата од релевантните светски институции и ќе излезат со конкретен став кои деца ќе можат и треба да се вакцинираат.
Во меѓувреме педијатарот Смугреска вели дека овој период децата со Ковид кои доаѓале кај нејзе на преглед имале многу поблага клиничка слика и полесно поминувале за разлика од возрасните.
- Типично за Ковидот кај децата овој период беше затнатиот нос, одбиваат да јадат и многу полесно поминуваат за разлика од возрасните, вели д-р Смугреска.
Доктор Смугреска потенцираше дека периодов имала и по 80-тина прегледи дневно, покрај со Ковид, зголемен е бројот и на деца со настинки и грип.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
