Пензионер од Штип со години не знае колкава му е пензијата
Штипјанецот Трајче Митев мака мачи со институциите на системот да му пресметаат колку треба да му изнесува некогавата месечна пензија. Со години наназад на овој пензиониран рударски инжинер, секој месец на сметка му легнува различен износ и додека порано разликата била мала, последните 4 месеци добивал пензии кои варираат помеѓу нешто помалку од 10 000 денари, до речиси 23 000 денари.
Во месец јули 2023-та година добив пензија 13, 288 денари, јас сум инаку рударски инженер. Во август 2023-та добив пензија 21, 733 денари, во месец септември 2023-та година 22, 894 денари и во месец октомври, земав пензија 9, 625 денари. Се прашувам сега како граѓанин, како државата си игра со пенизонерите? – изјави Трајче Митев, пензионер од Штип.
Митев на неколку наврати побарал одговор и решение од надлежните, но до ден денес инситуциите не го удостоиле ниту со едното, ниту со другото.
Никој нема кој да ви објасни. Се јавувам и телефонски, одговор нема. Бев и во ПИОМ овде кај нас, велат сите мои барања се испратени во Скопје, а еве јас 9 години чекам на решавање на овој проблем. Не знам во која држава го има ова, додаде Митев.
Митев прашува дали институциите имаат толку мал капацитет да не можат скоро една деценија да му пресметаат колку го вреднуваат неговиот минат труд, врз основа на што ќе биде утврден точниот износ на неговата пензија и уште колку вакви случаи има во земјава.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар