Пензионерите бараат линеарното зголемување да стане законско - трошоците за живот растат исто за сите
Трошоците за живот растат исто за сите, па така треба да растат и пензиите. Со овој став пензионерите денеска лично од министерот Велковски побараа линеарното покачување на стане законско. Велат, со процентуалната распределба, оние со повисоки пензии добиваат поголемо зголемување, што нема никаква логична оправданост.
- Линеарното зголемување, треба да остане правно мерило и тоа ќе го бараме на денешната средба со министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски. Сега на средбата со министерот ќе инсистираме тоа прашање да се уреди со закон бидејќи Владата има мнозинство да го донесе. Очекуваме и бараме до наредното мартовско зголемување ова прашање законски да се уреди и натамошното делење на пензиите да биде линеарно – рече Кирил Јосифовски, претседател на иницијативниот одбор на пензионерите од Охрид и Дебрца
- Не може 3% да му се даде на оној кој има 90.000 пензија, и да го наградиме со 3.000 денари, а да го казниме оној кој едвај дојде до 18.000 или 20.000 пензија и само за 600 денари да му се усогласи со животниот трошок. Какво е тоа усогласување за некого 600 за некого 3000 денари – рече Трајче Станојков од Свети Николе
По средбата со пензионерите засега нема став од министерот за социјална политика Ѓоко Велковски, дали нивните барања ќе бидат преточени во законско решение. Пензионерите реагираат по најавите дека по две години линерано покачување, од овој месец се враќа старата пресметка- пензиите ќе растат процентуално, според движењето на платите и трошоците за живот. Се уште траат пресметките за колкав процент ќе пораснат септемвриските пензии кои пензионерите ќе ги добијат во октомври. Според последните најави од министерот и Владата, пензионерите од следниот месец ќе добијат повисоки пензии за околу 3%.
-

Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар
