Македонија
27. October 2025 - 16:33

Петар Јанков и официјално ја презеде градоначалничката функција

После 20 години власт на СДСМ во Струмица, од денеска раководењето со општината го презема кадар на ВМРО-ДПМНЕ. Со симболичното прикачување на значката со општинскиот грб, Костадин Костадинов и официјално му ја предаде градоначалничката функција на Петар Јанков.

Новoизбраниот градоначалник најави реализација на предизборната програма, ветувајќи чесна и посветена работа. Првите негови активности ќе бидат насочени кон јавните претпријатија, односно средби со нивните раководители и анализа на состојбата во која се наоѓаат.

Костадинов на својот наследник му посака плоден и успешен мандат, но и многу трпение и автономност во носењето на одлуките, потенцирајќи дека општината ја остава со неколку крупни проекти за кои веќе е обезбедено финансирање.

Освен градоначалничката позиција, ВМРО-ДПМНЕ во следните четири години во Струмица ќе го има и мнозинството во општинскиот совет. Новиот совет кој брои вкупно 23 члена, го сочинуваат 13 советници од ВМРО-ДПМНЕ, 8 од коалицијата на СДСМ и по еден претставник од редовите на Левица и движењето ЗНАМ . Според неофицијални информации, првата конститутивна седница на советот треба да се одржи во среда.