Македонија
12. December 2022 - 16:35

По 15 пат во 4-те православни храмови во Прилеп се поставија црвени кутии за донирање средства

По 15 пат во 4-те православни храмови во Прилеп, Свето Благовештение, Свети Кирил и Методиј, Света Петка и Свето Преображение за Божикната хуманитарна акција се поставија добро познатите црвени кутиии каде граѓаните може да донираат средства за социјално загрозени граѓани. Акцијата ја организира хуманитарна организација Св. Никодим Тисмански и Прилепски, која функционира во состав на црквата „Св. Благовештение“. Освен парични средства граѓаните може да донираат и нерасиплива храна и хемиски производи.

„Со тоа што се става акцент на Свети Ниикола, не случајно е избран овој празник, тогаш верниците масовно ги посетуваат храмовите. На самиот ден Свети Никола, во центарот на градот, кај параклисот црквата учествува со продавање на свеќи, а парите од тие свеќии ќе се употребат за оваа хуманитарна акција“, истакна Драган Џокоски, хуманитарна организација Св. Никодим Тисмански и Прилепски.

Со собраните средства потоа се купуваат намирници и се прават пакети кои потоа им се даваат на оние на кои им е потребна помош. Еден хуманитарен пакет содржи производи од околу 2.000 денари, а се планира како и секоја година бројката да не биде помала од 140-тина пакети, од кои 30-тина се даваат по селата, а останатите во градот.

„Еден апел до граѓаните, до верниците кои сакаат да помогнат да се дел од оваа акција“, додаде Џокоски.

Инаку во текот на целата година во црквата Свето Благовештение во влезниот дел има поставено ваква кутија, а со тие пари се помагаат семејства на кои им требаат пари за лекување, луѓе чии домови се опожариле или имаат потреба од било каква друга помош.